Најмалку два метри растојание меѓу вежбачите во фитнес центрите

Петок, 26 Јуни 2020 13:09 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Теретаните и фитнес клубовите од денеска повторно почнуваат со работа, со тоа што сега се отворени вратите за сите кои сакаат да се рекреираат, но под посебни услови и според протоколот кој го утврди Владата.

Владата го објави протоколот за работа според кој сите кои сакаат да вежбаат ќе можат да ги посетат овие објекти уште денеска, со тоа што на самиот влез е потребно да се означат правилата за однесување на вработените и корисниците на услугите.

Поставена ќе треба да биде и дезбариера на влез во клубот и бесконтакно мерење на температура на вработени и корисници. На лица со покачена темепратура им се забранува влез во клубот.

Просториите за вежбање задолжително ќе се проветруваат и дезинфецираат по неколку пати во текот на работниот ден, а сите вработени задолжително ќе носат заштитни маски и ракавици во текот на целото работно време.

Доколку сакате да одите на вежбање, според новите правила, непходно е од претходно да закажете термин за посета на клубот, како и задолжително да користите сопствени пешкири и други средства за лична хигиена.

Користењето на заедничките помошни простории, како туш кабини и соблекувални се дозволува доколку е обезбедено чистење и дезинфекција на просториите по секоја употреба.

Распоредот на опремата, справите и другите реквизити за вежбање, односно организацијата на вежбањето мора да биде на начин што ќе се одржува физичко растојание од 2м помеѓу секој корисник, односно 10м2 по корисник.

Наложено е и справите, опремата и реквизитите задолжително да се дезинфицираат после секој корисник.

Во случај да постои сомнеж некој од вработените, или пак од посетителите да има респираторни проблеми (температура кашлица и слично), одговорно лице е должно веднаш да го отстрани тоа лице од просториите на клубот.