Од денес може да се седне и во затворениот дел на кафеаните, а работат и угостителските објекти во моловите

Петок, 26 Јуни 2020 10:31 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Кафулињата, рестораните и другите усгостителски објекти од денеска можат да служат гости и во своите внатрешни простории, согласно новите протоколи за работи кои беа објавени вчера. Почнуваат со работа и угостителскит објекти во моловите кои досега беа затворени.

Вработените задолжително треба да носат заштитни маски и да одржуваат хигиена на раце. Потоа, се ограничува бројот на гости, односно тие единствено смеат да седат, а не и да стојат во објектот. Не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси. Еден од условите е задолжително менаџирање при влегување на гостите од одредено одговорно лице пред влезот на угостителскиот објект.

Останува иста и неопходата раздалеченост, односно, во просторот за послужување на гости, каде има поставено маси, треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5 до два метри со соседните маси во сите правци.

И во затворениот дел на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, а четворица само доколку се од исто семејство. Задолжително ќе мора да има поставено дезинфекционо средство за раце на секоја маса. Ќе мора да се вршат и засилени внатрешни контроли на вработените од одговорно лице за одржување на личната хигиена, во сите фази на подготовка, прием и послужување на пијалоци.

Неопходни ќе бидат и засилени санитарно-хигиенски мерки, задолжително пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси, по заминување на секоја тура на гости. На крајот на смената, пак, ќе биде задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси, а алтернативно може да се користи 0,05 натриум хипохлорит. Неоопходно ќе биде и редовно одржување на тоалетите, со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на дезинфекциони средства. Забрането е користење на сушачи за раце и задолжително е користење на хартиени бришачи за еднократна употреба.

Како што вели протоколот, забрането е организирање на прослави, односно веселби, родендени и слично, и во отворениот и во затворениот дел од објектот. Забрането е биде и организирање на музички настани и внатре и надвор во рамките на објектот.

Истите правила ќе важат и за рестораните, со таа разлика што кај нив, покрај гостите кои седат, ќе смеат да влезат и гости кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки на храна. Исто така, во рестораните ќе биде дозволен максимален број од 12 лица на споени маси, заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри.

На една маса за четворица ќе можат да седат максимум двајца, освен ако не се семејство.

Oд саботата изминатиов викенд, локалите смеат да работат и после 22 часот, oдносно, во петок и во сабота нив им е дозволено да бидат отворени до 01 часот после полноќ, а во работните денови до 24 часот.