Во функција 30 проценти од меѓуградските линии

Четврток, 25 Јуни 2020 10:42 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Автобуските превозници повторно ги враќаат во функција меѓународните линии за превоз на патници што беа стопирани со рестриктивните мерки за спречување на вирусот ковид-19, а се очекува постепено враќање и на патниците на меѓуградските линии во внатрешниот сообраќај од кои дел беа исто така со забрана за движење, а и останатите се користеа многу малку. Засега фнкционираат 30 проценти од меѓуградските линии.

Од Автобуската станица во Скопје преку која транзитираат автобусите на меѓународниот линиски превоз веќе имаат најава од превозниците од Србија за враќање на линиите со нормална фрекфенција и оти очекуваат тоа да го направат превозниците и на линиите во други држави.

– Автобуската станица работи постојано од почетокот на пандемијата и кога имаше минимални поаѓања на ден. И за оваа промена со повторно враќање на меѓународните линии сме апсолутно подготвени. Останува оној другиот дел за динамиката да ни ја најават самите превозници кои ги одржуваат меѓународните линии согласно нивните дозволи бидејќи претпоставувам дека и самите превзоници ќе ја организират динамиката согласно состојбите на границите и одредбите за влез во домицилните држави во кои завршува тој превоз – вели Масер Омерагиќ, сопственик на компанијата Руле Турс, концесонер на скопската автобуска станица.

Превозниците од Србија најавија дека од утре се враќаат со нормална фреквенција на опслужување на меѓународните линии со нашата држава. Се очекува тоа да го направат и превозниците кои одат за Бугарија и за Албанија, како и за Австрија и Швајцарија, а за другите држави превозниците чекаат официјална информација кои се условите за влез во тие држави.

При превозот на патниците во автобускиот превоз се задолжителни пропишаните мерки за заштита во услови на пандемијата со ковид. Мора да има средства за дезинфекција пред влез во автобус, а секој патник да биде со маска при патувањето. Во тек на вонредната состојба со Уредба беше дефинирано да се превезува само со 50 проценти од капацитетите, односно двојно помалку, а како што вели Омерагиќ, во текот на денов очекуваат прецизирање на уредбата по тој основ.

Како што вели Омерагиќ, ковидкризата го погоди овој сектор и во одредени период и со 100 проценти намален обем на работа на линиите во внатрешниот превоз со ограничувањата при воведувањето на карантините, но и останатите препораки.

Вкупно на сите линии сега се работи со 25 до 30 проценти од капацитет во однос на бројот на патници и линии од истиот период од минатата година.