Филипче: Нема да се менуваат протоколите за угостителските објекти

Понеделник, 01 Јуни 2020 13:49 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прескоференција рече дека протоколите за работа на угостителските објекти нема да се менуваат, иако имаше многу забелешки околу тоа дека дел од одредбите практично не може да се имплементираат.

 - На денешниот состанок на Комисијата за заразни заболувања присуствуваше и директорот на Пазарниот инспекторат. Се разгледуваа состојбите и беше решено дека протоколите се епидемиолошки и здравствено издржани и дека нема да се менуваат - рече Филипче.

Менување на протоколите најави министерот за економијата Крешник Бектеши кој рече дека ќе достави писмо до Комисијата за заразни заболувања. Најголем проблем се јави околу тоа како ќе се утврди дали некои од гостите се членови на исто семејство за ќе може да седат на иста маса, кога вработените во угостителските објекти немаат право да ги легитимираат.

Филипче на денешната прескоференција рече и дека пет конфекции во Штип се затворени и околу 600 вработени се испитуваат за тоа дали се инфицирани со коронавирус.

Министерот за здравство уверува дека иако бројките на новозаболени од ковид-19 растат забрзано ситуацијата е под контрола, односно нема неконтролирано ширење на вирусот. Можно е да се воведат рестритивни мерки на движење и да се врати полицискиот час само во некои општини.