10 големи фирми земале скоро 12% од вкупната финансиска помош

Четврток, 28 Мај 2020 08:11 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Мал број фирми добиле голема државна помош што укажува на тоа дека расределбата не е правична, постои голема некоординираност на државните институции, a постапките за остварување на правото на финансиска помош се премногу комплицирани, рече Благоја Грозданов од Комората на сметководители на вчерашното гостување на Телевизија 24.

-11.5% од вкупната финансиска помош отишла само за 10 компании, што покажува дека распределбата не е правична. Помошта од и онака нашиот ограничен буџет требаше да биде алоцирана онаму каде што беше најпотребна. Не требаше да се расфрла таа помош - рече Грозданов.

Тој вели дека не е само бројката колку ќе даде владата вкупно помош, недостасува транспарентност која фирма колку добила помош поеддинечно.

-Државата наместо да понуди рака на давеник, реши да се надмудрува и да игра партија шах, ги прекомлицираа сите процедури, се направија преобемни постапки за аплицирање, во екстремно кратки рокови. Најважниот предлог да бидат продолжени роковите за сите даночни поднесоци до крајот на кризата, не беше прифатен. Крајно отсуство на координација во самите институции, од почетокот на кризата нема јасна визија како да излеземе од истата, два пати главната уредба за 14.500 денари субвенција се смени поради апсурдноста на некои критерируми, па се повлече, па се смени уште два пати повлечената уредба - истакна Грозданов.

Поради честото менување на процедурите, додаде тој, фирмите немаат време да ги прочитаат измените на постапките, а не да постапат по истите.

-Се изгубивме во постапките, соседни земји ни покажаа како може да се реши со два клика, за жал сметководителите останаа на крај, останавме без никаква помош, а министерството е премногу затворено со само одреден број на експерти со кои соработуваат - рече Грозданов.

Како што веќе објави Телма „Брако" на Кочо Анѓушев, „Кромберт и Шуберт“, "Систина" , Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ Битола, „Пелистерка“, винарската визба „Тиквеш“, „Дурмо Турс“ се меѓу компаниите кои добиле најмногу средства од државната финансиска помош.

Последен пат изменето на Четврток, 28 Мај 2020 09:09