Граматиков: Не чека тежок период, да не дозволиме Македонија да исчезне од светската туристичка мапа

Петок, 22 Мај 2020 12:47 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Согледувајќи ја важноста на туризмот како индустрија во нашата економија, Туристичко угостителската комора при ССК заедно со останатите комори во рамки на Платформата за јавно-приватен дијалог целосно ја поддржа иницијативата за изработка на детална студија за туризмот и активно придонесовме во нејзината изработка.

„Сметаме дека ова е една неопходна алатка која ќе ни покаже каде се наоѓаме во рамки на туризмот и ќе служи како патоказ каде треба да одиме и кои чекори треба да се преземат. Кога зборуваме за туризам, не зборуваме само за туристичките патувања за годишни одмори или за прошетките во странство, што е општа перцепција за туризам. Суштинскиот дел на туризмот за една економија е дојдовниот туризам, поточно приливот на странски туристи во земјава. Тоа подразбира промоција и продавање на нашиот продукт т.е. Македонија како туристичка дестинација во Европа и светот. Тоа е онаа извозна ставка во туризмот, која всушност претставува приливот на девизи и директно ја поддржува економијата“, истакна Владимир Граматиков, претседател Туристичко угостителската комора при ССК.

Гледајќи го туризмот од оваа перспектива, очигледно е дека преку дојдовниот туризам директно се поддржуваат и директно зависат и многу други сектори. На пример сите туристи кои ќе дојдат во посета на државата, покрај ноќевањата кои ги остваруваат, тие користат локален превоз, посетуваат музеи и разни знаменитости, користат услуги во наши ресторани, купуваат сувенири и локални производи, реализираат тури во нашите винарии и поттикнуваат многу други слични активности.

Ова се само дел од областите кои се директно зависни од развојот на туризмот во државата. Затоа потребата од добра стратегија и акциски план за развој на туризмот е од исклучително голема важност. А оваа студија ќе послужи како основа за креирање на таа стратегија.

Промоцијата на Македонија како туристичка дестинација во светскиот туризам беше исклучителен предизвик, но сега во пост Covid ерата, предизвикот ќе биде уште поголем, бидејќи покрај тоа што треба да се претстават нашите убавини, храна, гостопримство, ќе треба да ја претставиме Македонија и како безбедна земја со сигурен здравствен систем. Посетителите мора да имаат доверба во државата која ја посетуваат.

Конкуренцијата во глобални рамки е огромна, постојат држави кои се светски познати туристички дестинации и кои вложуваат огромни средства во промоција на своите туристички капацитети.

Во пост Covid периодот конкуренцијата со сигурност ќе биде уште поголема бидејќи и најголемите и најпознатите туристички дестинации ќе даваат огромни субвенции за да ги вратат туристите во своите места. Од исклучителна важност ќе биде и поддршката на авиосообраќајот и авиокомпаниите кои оперираат на нашите аеродроми. Во периодот што следи авиокомпаниите несомнено ќе ги намалат своите капацитети и ќе ги ревидираат дестинациите на кои летаат, со што ќе се фокусираат на оние со најголем потенцијал.

Не смееме да дозволиме како држава да изгубиме од постојните дестинации, бидејќи секоја дестинација е потенцијал за нови туристи. Во денешно време најголемиот дел од патувањата се реализираат по авионски пат и директната поврзаност е од исклучителна важност. Авиосообраќајот е од исклучителна важност како за туризмот така и за целата економија. Авиосообраќајот е еден од моторите на економијата.

Не чека многу тежок период, предизвиците се огромни, но се надеваме дека со обединет туристичкиот сектор заедно со соодветната поддршка од институциите, ќе успееме повторно да ја позиционираме Македонија на светскиот туристички пазар, заклучи Граматиков на денешната прес-конференција на која беа презентирани клучните наоди од студијата изработена од Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива со поддршка на УСАИД.