АНАЛИЗА: Дајте ни пари за акцизи – повелете ваучер за летување

Четврток, 21 Мај 2020 09:58 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Македонија од чудесна земја полека се претвора во апсурдна земја. Ќе се бориме против сивата економија и против корона вирусот со викенд без ДДВ, ќе зголемуваме јавна потрошувачка за излез од економската криза со зголемување на акцизите во период кога ништо и никој не се движи никаде, ќе раздаваме ваучери за развој на домашниот туризам за да дрско и парираме на Марија Антоанета („Ако немаат леб, нека јадат колачи“), ќе нудиме помош која најпогодените ќе ја враќаат, а добростоечките бизниси ќе ја трансформираат во грант, ќе земаме пари за тековно полнење на буџетот од сите освен од оние кои се најликвидни, ќе ги штитиме најпрофирабилните бизниси и олигархијата со хорда акумулирани добивки зад нив на сметка на најранливите.

Како да го наполниме буџетот за да им помогнеме на најпогодените од корона кризата?

Еве идеја смислена од стручни лица: Ајде од секои 1.000 денари кои потрошувачите ги платиле за гориво да оданочиме 651 денари за даноци! Идеја си е идеја, не значи дека мора да е добра.

Верувале или не, горе кажаното е фактографија – даноците учествуваа со 65,14% во малопродажната цена на БС-95 на 1.5.2020.

Во услови кога баш ниту една земја во светот не ги зголеми даноците или давачките, во услови кога паднаа цените на нафтата на рекордно ниски нивоа, кај нас се зголемија цените на горивата, затоа што го избравме најлесниот пат, оној кој бара најмалку мислење и анализи, оној кој нема да посегне по џебот на најбогатите, туку на малите!

Анализите кои експертите ги направиле покажувале „тенденцијата на пад на цените на горивата да продолжи“. Ама не продолжи. Вистината е ниту еден експерт на светов не може да предвиди кога ќе заврши кризата и кога ќе се опорави побарувачката за нафта, односно кога ќе се рестартираат транспортните индустрии, но секако секој може да предвиди дека кога-тогаш тоа мора да се случи. И, повелете, цената на енергенсите почна да се зголемува, па заедно со зголеменета цена на акцизата сега македонските потрошувачи веќе плаќаат значително повеќе одошто требаше да плаќаат. А најпогодени се секако оние со ниски примања и ранливите мали и микро фирми.

Да го прикажеме претходното сликовито:

 slika1

 

Да појасниме дополнително: ако на 1.5.2020 сте го наполниле резервоарот на вашиот автомобил со налевање на БС-95 во вредност од 1.000 денари, тогаш сте платиле 5 пати повисока цена на горивото од таа што била актуелна на светските берзи. Набавната цена на овој тип на гориво, согласно јавно достапните податоци од веб страницата на Регулаторната комисија била помалку од 10 денари за литар, а ние сме плаќале речиси 50 денари за секој литар.

За споредба: на 1.5.2019 ние сме плаќале околу два пати повисока цена на БС-95 во однос на таа на светските берзи и тоа била цена во која државните давачки учествувале со 45,58%. Има разлика.

И не, не се работи до толку за 3 или 5 или 10 денари повеќе кои ги плаќаме за секој литар гориво – се работи за принципот и дрскоста да се пружи рака во џебот на „обичните смртници„.Дополнително, бидејќи секако следува поголем или помал ценовеш шок во фазата на опоравување од кризата, дел од истиот можеше да се амортизира преку намалувањето на цената на горивата.

Ефективно, падот на цената на горивата државата го искористи како агресивен бескрупулозен капиталист од времето на индустриската револуција со единствена цел да ги максимизира буџетските приходи. Наместо да го искористиме моментот, да ја зголемиме потрошувачката и да го поттикнеме движењето, надлежните решија да тргнат по друг пат.

Само некако заборавивме дека зголемени даноци не мора да значат и зголемени буџетски приливи... Можеби луѓето помалку возат и ќе се возат, нели? Ама оваа тема ќе ја оставиме за друг пат.

Кај Еуродизелот ситуацијата е слична, со учество до скоро 58% на даноците и давачките кон државата во малопродажната цена на 1.5.2020. Помалку од 11 денари набавна вредност резултираат со скоро 43 денари малопродажна цена.

slika 2

Оправдувања, оправдувања

Селективната компарација е моќна алатка за испревртено оправдување на веќе донесени одлуки. Откриваме дека сме имале ниски стапки на ДДВ и акцизи до сега во споредба со стапките во ЕУ, па затоа тргнавме да ги стигнеме Унгарија, Романија и Бугарија (сега имаме повисока акциза од сите овие земји).

Ако почекаме уште малку, можеби ќепадне на памет да ја „нападнеме“ и акцизата на Полска (грубо 27 денари по литар гориво, наспроти нашите грубо 24 денари по литар).

А да ги мериме останатите параметри за раст и развој на економијата со овие земји е беспредметно, бидејќи освен да паднеме во депресија друг резултат тешко дека ќе постигнеме.

Некако се заборава дека ја имаме и најниската просечна плата во регионот со исклучок на Косово и Албанија. Некако се заборава да се каже и дека имаме најтежок пристап до свежи извори на финансирање од сите земји на регионот, што претставува исклучително голем проблем во контекст на моменталната криза (извор: North Macedonia Diagnostic, извештај на EBRD од 2019 година).

Се заборава и дека имаме патетично слаба инфраструктура по која ги возиме нашите автомобили (World Bank’s Logistics Performance Index не сместува на 106 место од 160 земји во оваа категорија).

Како можеше да биде?

Да се обидеме да најдеме малку поинакви решенија за излез од кризата и да направиме една груба анализа во која посебно ќе ги опфатиме банките и најпрофитабилните фирми кај нас.

За почеток, само трите најголеми банки кај нас лани оствариле вкупна добивка од скоро 100.000.000 евра. Без грижа, банките и годинава ќе пресметуваат и наплаќаат камати, дури и да сте ги одложиле исплатите на вашите кредити, така што нивната профитабилност годинава нема воопшто да трпи.

Приходите од камати кои сите банките ги евидентирале за 2019 година изнесуваат 19.247.000.000 денари, а 4.232.000.000 денари изнесувале расходите за камати. Во превод ова значи дека банките работеле со профитна маржа од повеќе од 450%! Од провизии пресметани се дополнителни 7.602.000.000 приходи.

Топ 50 најпрофитабилни фирми кај нас, не земајќи ги предвид компаниите кои работат во ТИРЗ (кои секако се ослободени од поголем дел од даноците), минатата година оствариле вкупно околу 600.000.000 евра добивка.

Да претпоставиме дека даночната основа кај овие компании е еднаква на добивката пред данок, за да биде анализата полесна и поразбирлива. Ако, овие компании плаќаат 20% наместо досегашните10% данок на добивка за секое евро добивка над, на пример, добивка од 350.000 евра (тоа е добивка над приближно 20.000.000 денари, што е мошне респектабилна сума), тогаш, грубо, во буџетот ќе се соберат 117.000.000 евра повеќе во однос на нормалната стапка од 10%.

Замислете кога човек подобро ќе размисли, ова е дури и солидарно решение. Оние кои во оваа тешка година успеале да направат добар профит да им помогнат на останатите преку полнење на буџетот. Сепак, тие уживале во бенефитите на системот и деловната клима најмногу, акумулирале најмногу добивки. Праведно, нели?

Дополнително, банкарскиот сектор кај нас е екстремно ликвиден и со олабавување на регулативата врзана со НБРМ, олабавување на условите за кредитирање на приватниот сектор, делување во насока на намалување на каматните стапки на кредитие или евентуално и со задолжување на државата кај комерцијалните банки можеше далеку поефикасно да се редистрибуираат средства, да се подобри ликвидноста на стопанството, да се обезбедат парични средства во буџетот и да се даде реална поддршка на реалната економија за излез од кризата.

Вкупно во нашиот банкарски сектор има „заглавени“ 65.721.000.000 денари (зборуваме за салдо на готовина пријавено во билансите на состојба на нашите банки на 31.12.2019). Ова салдо константно се зголемува со години наназад, како што покажуваат и податоците од Народната банка, графички доловени на график од https://tradingeconomics.com/macedonia/banks-balance-sheet.

slika 3

Секако, финансиски здрав финансиски сектор треба да не радува, но поентата на одржување на финансиска стабилност е токму во тоа таа да се стави во функција на раст и развој на реалната економија или пак како во оваа ситуација да и се помогне на реалната економија да излезеод криза. Не е задача на банките само да трупаат „мртва готовина“.

Но, по се изгледа нема поента да се зборува за тоа што можеше да биде... Сега се што ни останува е да почекаме и да ги трошиме нашите заштеди во викендот без ДДВ...

Пишува: Благоја Грозданов

Последен пат изменето на Четврток, 21 Мај 2020 11:08