Транспортерите излегуваат на протест, бараат повлекување на зголемувањето на акцизата

Понеделник, 27 Април 2020 12:44 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Камионџиите утре излегуваат на протест, незадоволни од поскапувањето на акцизата за 3 денари. Тие инсистираат да се повлече акцизата за која тврдат дека сериозно удрила врз бизнисот. Наместо тоа бараат од Владата да воведе прогресивно оданочување.

Од групацијата на транспортни превозници „Макамтранс“ за Алфа велат дека согласно протоколот, утре на пладне транспортерите со своите камиони ќе излезат на улица, но нема да излегуваат од нив, со цел да се почитуваат сите препораки од надлежните. Првата точка ќе биде пред хотелот „Континентал“.

Билјана Муратовска предупредува дека поскапата акциза е погубна за фирмите кои и претходно биле на дополнителен удар. Рече дека цените не ги зголемиле ниту кога нафтата поскапувала, само за да ја задржат конкурентноста.

И покрај бурните реакции од бизнисот, Владата сепак се одлучи за поскапување на акцизата за 3 денари. Со зголемување на акцизите за 3 денари, до септември треба да се покријат загуби од околу 18 милиони евра, а до декември до 31 милион евра. Ако цените на акцизите останеле исти, загубите годинава би биле 30 милиони евра. Од Владата тврдат дека акцизата постепено ќе се намалува како што ќе се олабавува заканата од Коронавирусот.

Инаку, само лани, од акцизи во државниот буџет се слеале 240 милиони евра.