Нема да се свикува собрание на акционери и собир на содружници во вонредна состојба

Среда, 25 Март 2020 19:18 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

На предлог на Министерството за економија, денеска Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба.

Со членот 1 од Уредбата се регулира примената на Законот за трговските друштва за време на траењето на вонредната состојба, при што е уредено дека за свикување и одржување годишно собрание на акционери и собир на содружници, од страна на органот на управување на акционерските друштва, односно органот на управување на друштвата со ограничена одговорност, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Во таа насока со членот 2 од Уредбата се овозможува пролонгирање на роковите за свикување и одржување годишно собрание на акционери, како и собир на содружници, од страна на трговските друштва, за време на траењето на вонредната состојба. Пролонгирањето на роковите се однесува и на започнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери, односно собирот на содружници.

Се предвидува дека ова законско решение ќе овозможи поволни услови за трговските друштва во однос на обврската за свикување и организирање годишни собранија на акционери, односно собири на содружници, во чии рамки се усвојуваат годишни сметки и финансиски извештаи, како и се одобрува работата на членовите на органот на управување во друштвото.