Распишан јавниот повик за изградба на хидроелектраната „Чебрен“

Четврток, 20 Февруари 2020 12:07 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Владата денеска го промовира јавниот повик за доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, односно за изградба на хидроелектричната централа „Чебрен“.

Премиерот Оливер Спасовски истакна дека Владата го трасира патот на енергетската транзиција со изградба на капацитети со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори и дека заедно со „Електрани на Северна Македонија“ создава стабилна и сигурна енергетска иднина за земјата и граѓаните.

„Јавниот повик се однесува на пројавување интерес на заинтересирани компании, кои ќе сакаат да го изградат ХЕЦ ‘Чебрен’ во соработка со АД ЕСМ преку моделот на јавно-приватно партнерство. Од информациите што ги добив денес, веќе седум странски компании побарале да ја подигнат претквалификациската документација, која во оваа фаза е бесплатна“, информира Спасовски.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, истакна дека „Чебрен“ беше предизвик со години за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата за спроведување на овој голем проект во дело.

„Во план е ‘Чебрен’ да биде јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата. Процените се дека изградбата ќе чини најмногу 570 милиони евра, средства што ќе треба да ги обезбеди приватниот партнер. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и годишно производство од 1.000 гигавати електрична енергија. Наша обврска е изградбата на пристапниот пат до хидроцентралата и потоа приклучокот, односно трафостаницата. Како наш удел во новата заедничка компанија со приватниот партнер ќе биде внесена ХЕЦ ‘Тиквеш’, која е на истиот слив, односно на Црна Река, и единствено можно е двете хидроцентрали, ‘Чебрен’ и ‘Тиквеш’, да функционираат во една целина бидејќи зафаќаат вода од исто течение и си влијаат една на друга“, информира Ковачевски.

Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, директорот на ЕСМ изрази оптимизам дека „Чебрен“ ќе овозможи во иднина да сe намалува производството на електрична енергија од јаглен и постепено да се замени со производството од оваа голема хидроелектрана.

„За споредба, ЕСМ денес произведува 4.000 гигавати годишно. Кога ‘Чебрен’ ќе почне да работи, годишната редукција на јаглероден диоксид ќе се намали 913 илјади тони бидејќи 1.000 гигават-часови електрична енергија нема да се произведат од јаглен, туку од вода“, истакна Ковачевски.

Тој најави дека заинтересираните компании ќе може да се јават на јавниот повик до 3 април, а тековните испитувања на пазарот на компании, спроведени од страна на Меѓународната финансиска корпорација, која е дел од Светската банка, покажале дека сериозни компании од регионот и Европа се заинтересирани за изградба на „Чебрен“.