Ангеловска го стави јавниот долг на увид на јавноста – достигна 5,54 милијарди евра

Четврток, 20 Февруари 2020 11:53 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Сите податоци поврзани со јавниот долг од денеска може да се видат секој преку новата алатка презентирана од Министерството за финансии „јавен долг“. 

Новата алатка дава детални податоци за движењето на јавниот долг низ годините, потоа колкави биле задолжувањата на централната влада, а колкави на јавните претпријатија и на општините, колку се проценува дека ќе изнесува во тековната година, потоа податоци за државните хартии од вредност и аукциите со нив, како и појаснувања за одредени поими што се користат со цел тие да бидат подостапни за граѓаните.

-Новата алатка е најдобар одговор на лажните вести што се шират. Јавноста треба да ги знае сите информации и со проширувањето на платформата за отворени финансии со податоци за јавниот долг тоа го овозможуваме на најтранспарентен начин - рече министерката за финансии Нина Ангеловска, која што порача дека надлежните треба да се фокусираат на решавање на проблемите, наместо да се занимаваат со популизам.

Одговарајќи на новинарско прашање како може да се каже дека јавниот долг е стабилизиран кога годинава се предвидува вкупно задолжување од речиси 600 милиони евра, Ангелоска рече дека податоците кои се достапни на јавноста покажуваат дека во последните три години трендот на силен пораст на јавниот долг како процент од БДП е прекинат и дека станува збор за негово стабилизирање, а не за намалување.

-Задолжувањето е потребно заради враќање на старите долгови и заради финансирање на инфраструктурни проекти, , рече Ангеловска, додавајќи дека е многу важно како и за што се користат позајмените средства и каков е нивниот мултипликатор. Таа рече дека во минатото имало периоди на поголеми задолжувања, но дека тоа не дало резултати бидејќи позајмените пари биле искористени за непродуктивни цели, како на пример за изградба на споменици. Доколку парите се користат за продуктивни намени, како за гасификација, изградба на пруги, патишта и сл, тогаш ефектите се позитивни, рече Ангелоска, додавајќи дека доколку тоа се правело во минатото, економскиот раст сега сигурно би бил 5 отсто годишно.

Според податоците што ги има на javendolg.open.finance.gov.mk вкупниот јавен долг претставува 48,9 отсто од домашниот бруто производ (БДП) или 5,54 милијарди евра. Од него државниот долг моментно изнесува 4,56 милијарди евра, долгот на јавните претпријатија изнесува 984 милиони евра, додека општините должат 11,5 милиони евра.

-Јавниот долг е стабилизиран и тоа го покажуваат податоците објавени на оваа платформа. Ние ја стабилизиравме стапката на раст на јавниот долг во услови на развој – рече Ангеловска.

нгеловска забележа дека време за популизам нема, туку тоа треба да се троши за решавање на проблемите, алудирајќи на прес-конференциите на нејзината дополнителна заменичка министерка која редовно ја обвинува за зголемување на јавниот долг за непродуктивни трошоци.