Испечатете ја страната

Царовска: За две и пол години се вработиле 59.600 лица

Петок, 17 Јануари 2020 13:44 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА
Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

Имплементацијата на оперативниот план за вработување придонесе за намалување на процентот на невработеност во земјава и може да се каже дека тој денеска изнесува 17,1 процент по последните статистички податоци, истакна вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска денеска во Владата, каде заедно се презетнираа резултатите од реализацијата на Оперативниот план на програми и мерки за вработување за 2019 година.

-Дополнително треба да се истакне дека 59.600 лица во нашата држава се вработиле во две и пол години. Во 2019 година од буџетот на РСМ се издвоени рекордни 1,3 милијарди денари што е за 84 проценти повеќе од 2016 година кога вкупниот буџет за оперативни мерки за вработување бил 707 милиони денари. Ова е директна интервенција во зголемување на вработливоста кај невработените лица, но исто така е и можност за директна поддршка на ново формирање на компании кои понатаму треба да отвораат нови работни места, рече Царовска.

Таа додаде дека овие средства биле искористени и за нови бизниси и во сто проценти оваа мерка била реализирана. Она што дополнително произлегло во оперативните мерки за вработување, додаде таа, се законски решенија онаму каде што се покажало дека мерките даваат одлични резултати.

-Таков пример е практиканство. Со донесувањето на Законот за практиканство може да се види дека се дава можност младите лица, што немаат каде да стекнат одредена пракса или вештини кои директно носат до поголема вработливост, на легален начин тоа да го стекнат во фирмите од што имаат бенефит и невработените лица и бизнисите што имаат потреба од дополнителен потенцијал. Преку програмата за самовработување одобрени се вкупно 1.484 грантови, а досега се регистрирани 1.320 микро бизниси од невработени лица. Од нив 478 или 36,8 проценти се млади лица, а 439, односно 33,8 проценти се жени, рече вицепремиерката за економски прашања.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска нагласи дека реализацијата на вака успешни бројки и податоци се должи на тимската работа и позитивната енергија од страна на колегите од Агенцијата за вработување, односно центрите за вработување, МТСП, нивните партнери, работодавачите и самите невработени лица.

-Со субвенционирање на плати се отворија 1.383 нови работни места. Поддршката за вработување и раст на правни субјекти придонесе за отворање на 621 ново работно место. Исто така, практиканството како активна мерка беше многу побарувана од страна на работодавачите, а 1.697 млади беа вклучени во практиканството како активна мерка. Она што го побара стопанството, односно работодавачите од нас беа обуките преквалификациите и доквалификациите и ние како активна мерка успешно ги реализиравме. Се спроведоа обуки со кои беа опфатени 22 занимања и беа спроведени 55 обуки на територијата на цела држава, додаде Јовановска.

Нагласи дека имале најразлични обуки – за монтери, инсталатери, оператори за веб дизајн, изработувачи на мебел, оџачари, електро механичари, лични асистенти, фризери, козметичари, автомеханичари заварувачи – сите побарувани занимања и занаети што произлегле како побарувања од страна на работодавачите и од анализите за потреба на пазарот на труд.

-Агенцијата за вработување со МТСП успешно ги реализира. Веќе 3.704 лица успешно ги завршија обуките, но се уште се во тек некои обуки и ќе бидат реализирани во текот на овој месец. Вкупниот процент на реализација на буџетските средства е 98,56 проценти. Активно работевме и на мерката што се финансира од посебниот фонд за вработување на инвалидните лица. Тука беа вработени 231 лице. Покрај финансиски средства како поддршка за вработување на овие лица на фирмите и заштитните друштва им беа обезбедени финансиски средства за набавка на опрема за вработените инвалидни лица и за адаптација на работното место, нагласи Јовановска.

Дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ посочи дека свесни за високата младинска невработеност и иселувањето на младите, во 2019 година го креирале и имплементирале оперативниот план кој, како што рече, доминантно е насочен кон младите луѓе во делот на само вработување, практиканство, дигитални вештини и младинската гаранција.

-Младинската гаранција е една од носечките европски иницијативи. РСМ е единствена држава која што не е членка на ЕУ и започна со имплементација на младинската гаранција, прво како пилот програма во 2018 година за да се прошири на територијата на целата држава во 2019 година. Позитивно сме охрабрени од резултатите на младинската гаранција со која во 2019 година биле опфатени 20.301 младо лице. Оваа програма значи секое младо лице во рок од четири месеци по пријавување во Агенцијата за вработување да добие можност за вработување, за обука за предквалификација или практикантство, рече Шкријељ.

Од бројката на вклучени додаде, 52 проценти се жени, а до сега преку младинската гаранција се вработени 6.404 лица. Нивниот број, посочи, ќе расте зашто има лица кои се приклучиле во декември, а точната бројка на млади то се вработиле ќе се знае во април годинава. Дополнително, покрај овие лица кои до сега се вработиле, посочи, 1.644 лица биле вклучени во некоја од активните програми и мерки.Во младинската гаранција за млади беа вклучени 1.457 Роми, од кои 212 до сега се вработени.

– Во последниот квартал стапката на невработеност на млади во нашата држава изнесува 35,3 проценти, а во 2016 година тој процент беше 48,2. Паралелно со стапката на невработеност расте стапката на вработеност на млади лица, што значи дека она што останува на нас институциите е да продолжиме да работиме во тој правец и да издвојуваме што повеќе средства за имплементација на вакви програми. Во рамки на ИПА 2 програмата која што ја води МТСП се одвоени дополнителни средства за младинската гаранција што значи дека од оваа 2020 година ќе можеме да имаме уште поголем опфат и успех со мерката младинска гаранција, потенцира Шкријељ.