Пет фирми сакаат да го чистат линданот во ОХИС

Среда, 15 Јануари 2020 15:00 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Пет компании се пријавиле на тендерот за чистење на линданот во околината на фабриката Охис. Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ велат дека тендерот е завршен и наскоро ќе донесат одлука која од овие фирми ќе биде избрана да го направи чистењето.

Во моментов се разгледуваат пристигнатите понуди, по што ќе биде одбрана фирмата која ќе понуди најдобра технологија за отстранување на токсичниот отпад.

Сѐ уште не е познато кога точно ќе започне отстранувањето на линданот, бидејќи прво треба да заврши процесот на евалуација, како што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање, наведувајќи дека не сакаат да шпекулираат со рокови.

„Јавноста ќе биде навремено информирана кој ќе биде најдобар понудувач“, уверуваат од МЖСПП.

Прво ќе започне чистењето на малата депонија во ОХИС, процес кој ќе трае 3-5 години и за кој од МЖСПП неодамна информираа дека ќе бидат потребни околу шест милиони долари, додека отстранувањето на големата депонија „е следна фаза“ и во зависност од одбраната технологија проценките на институцијата се дека ќе чини од 50 до 60 милиони долари.