ССКМ со поддршка на Глобалните цели на ООН

Петок, 10 Јануари 2020 11:35 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Сојузот на стопански комори на Македонија информира дека континуирано ја поддржува националната имплементација на Глобалните цели за одржлив развој на Обединетите нации и активно делува кон остварување на секоја цел поединечно.

„Искоренувањето на сиромаштијата останува еден од најголемите предизвици. На глобално ниво, над 800 милиони луѓе живеат во екстремна сиромаштија, лица кои немаат пристап до храна, чиста вода за пиење и канализација. Кај жените веројатноста за живот во сиромаштија е поголема, заради нееднаквиот пристап до платена работа, образование и лична сопственост.

Државниот завод за статистика врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија, ги пресмета Лаекен индикаторите за сиромаштија според кои, во 2018 година, стапката на сиромашни лица на национално ниво изнесуваше 21.9.%. Коефициентот на Џини за мерката за нееднаквоста во распределбата на приходите изнесува 31.9 %.

Нашиот тим работи кон засилено подигнување на свеста кај засегнатите страни за агендата 2030 и целите за одржлив развој, со користење на бројни комуникациски активности и алатки. Нашите активности се повик за здружено делување“, се вели во објавата на ССКМ.

За постигнување на акциската цел број 1, Крај на сиромаштијата секој може да помогне. Преку поставување институционални таргети се креираат акциски чекори за ставање крај на сиромаштијата во сите нејзини форми.

„ Поттик на институциите да обезбедат за сите мажи и жени, еднакви права на економски ресурси и пристап до основни услуги, сопственост, контрола врз земјиште и другите форми на имот, наследство, природни ресурси, новите технологии и финансиски услуги. Мобилизирање на ресурсите преку зголемена развојна соработка, со цел да се обезбедат соодветни средства за спроведување на програми и политики за ставање крај на сиромаштијата во сите форми на национално ниво. Застапување за креирање на родово сензитивни рамки на политики, за поддршка на забрзани инвестиции во активности за отстранување на сиромаштијата, за сиромаштијата создадена како резултат на нееднаков пристап на жените до платена работа, образование и лична сопственост“, порачуваат од ССКМ.