Инспекторатот за труд и ССК заедно против сивата економија

Четврток, 28 Ноември 2019 13:56 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Сојузот на стопански комори на Македонија институционално ги зајакнува воспоставените релации со инспекциските служби се со цел подобрување на соработката во интерес на компаниите.

Во таа насока Габрила Кулебанова, потпретседател на ССК и директорот на Државниот инспекторат за труд Аљајдим Хавзиу со договор за соработка во присуство на компании од приватниот сектори и претставници на инспекторатот ги прецизираа заедничките стратешки цели на делување за следниот период. Директорот на Државниот инспекторат за труд, Хавзиу ја нагласи важноста од соработката и заедничките цели на делување кога станува збор за сузбивање на нелојална конкуренција и едукативната улога која треба да ја има инспекторатот се со цел подобрување на севкупниот деловен амбиент. Кулебанова истакна дека заеднички ќе се дејствува во борбата против сивата економија и нелојалната конкуренција, моменталната состојба на пазарот на труд и реална бројка на лица кои остваруваат приходи, а немаат здравствено и пензиско осигурување, како и инспекциските контроли од трудовиот инспекторат.

„Сивата економија и нелојална конкуренција, го кочат развојот на државата и го спречуваат развојот на економијата, во таа насока двете институции засилено ќе делуваат кон подобрување на деловниот амбиент во земјата. Сите под еднакви услови треба да учествуваат во системот на државата, а не да наоѓаат начини да го заобиколат. Со акција на инспекциските служби и партнерска соработка со приватниот сектор можеме да го намалиме овој процент на сива економија во земјава “, изјави Кулебанова.

Инспекциите служби со полн капацитет треба да делуваат кон исполнување на обврските, што овозможува соодветно опкружување за одржлив економски развој. Од друга страна и инспекциите треба да се промовира едукативната функција кај оние кои се недоволно информирани, а репресивната за оние кои намерно го изигруваат системот.

„Инспекциите треба да делуваат пред се едукативно, да бидат брзи, ефикасни и фер кон компаниите, транспарентни и квалификувани за да донесуваат одлуки базирани на докази. Државен инспекторат за труд е позитивен пример, бидејќи во заедничката борба со сивата економија е единствена институција која знаеме дека има изречено глоба по Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, кој во моментов е наједноставниот механизам кај нас кој го имаме за справување со сивата економија“, истакна Кулебанова.

Сојузот на стопански комори континуирано апалеира на потребата од подигнување на свеста во борбата со нелојалната конкуренција и придонес во буџетот на државата на оние кои работат нерегистрирано.

Последен пат изменето на Четврток, 28 Ноември 2019 15:06