Вработените бараат под итно избор на директор на Државниот завод за ревизија

Четврток, 28 Ноември 2019 13:43 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Вработените во Државниот завод за ревизија денеска побараа од институциите во државата под итно да изберат нов директор на ова ревизорско тело, бидејќи во спротивно, како што порачаа, тоа де факто ќе престане со работа.

Говорејќи на прес-конференцијата одржана во ДЗР, ревизорот Мијалче Дургутов нагласи дека таа е свикана на иницијатива на сите вработени, со цел да се изрази нивната загриженост од фактот што оваа институција веќе една година и 11 месеци функционира без директор, а на 4 октомври годинава истекол мандатот и на заменикот директор, со што е оневозможено нормалното функционирање на Заводот и е доведена во прашање неговата независност.

- Доколку не дојде до брз итен избор на државен ревизор, ние се соочуваме де факто со законско престанување со работа, бидејќи не можеме законски да работиме. Нема да бидеме во можност да ја реализираме тековната програмата за работа до крај, ниту да ја донесеме програмата за работа за 2020 година, нагласи Дургутов.

Тој информира дека вработените за своите барања поддршка добиле и од меѓународната организација на ревизорски тела.

- Наше основно барање е транспарентен избор на главен државен ревизор. Не бараме ништо повеќе. Не молиме никого за нешто. Ги бараме само нашите права. Бараме да работиме, порача Дургутов.

Според него, неизборот на државен ревизор би го довело во прашање и спроведувањето на изборите, бидејќи ДЗР во вакви услови не би бил во можност да врши ревизија на изборните кампањи.

Дургутов нагласи дека досега вработените во ДЗР одржале неколку собири од кои упатиле писма до сите институции во државата со барање под итно да се избере директор на Заводот, за што нивна делегација одржала и два работни состаноци со претставници на Собранието.

За средбите со претставниците на Собранието информираше ревизорот Бранислав Гулев, кој нагласи дека од претседателот на собраниската Комисија за избори и именување Илија Димовски биле информирани дека ќе свика комисиска седница за избор на директор на ДЗР, кога „ќе почувствува дека постои договор меѓу партиите“ околу изборот.

Тие на средбите нагласиле дека неизборот на директор ги оневозможува исплатата на платите и социјалното и здравственото осигурување на вработените, а ДЗР не може ниту да ги плаќа режиските трошоци за електрична енергија и комуналии, што институцијата би ја довело до дополнителни проблеми.

- Информиравме дека имаме доставено измена на нашиот закон во делот на назначување на одговорно лице од вработените во институцијата, со една единствена цел времено да се премости блокираноста на нашата институција до назначувањето на главен државен ревизор, изјави Гулев, додавајќи дека се свесни оти ова не е добро решение, но е нужно заради сегашната ситуација.

Тој додаде дека од претставниците на Собранието добиле предлог да се назначи лице од финансискиот сектор само во делот за исплата на плати и редовно извршување на сите обврски што пристигаат, нагласувајќи дека сепак ваквото решение нема да ги надмине проблемите, бидејќи ДЗР ќе остане блокиран во спроведување на нивната примарна задача.

Гулев изрази надеж дека до крајот на годинава, сепак ќе биде избран државен ревизор и дека ќе бидат надминат сите овие проблеми.
Ревизорката Лилјана Стојанова информираше дека со програмата за работа на ДЗР за 2019 годна биле предвидени 54 ревизии, од кои само 11 се комплетно завршени, а 12 се се уште во тек и треба да завршат до 31 декември. Останатите 31 ревизија, според неа, се спроведени, но постапката не може да биде завршена затоа што нема одговорно лице во ДЗР што ќе ги потпише завршните ревизорски извештаи.

На новинарско прашање околу ревизијата на работењето на Специјалното јавно обвинителство, Дургутов одговори дека ревизорската контрола во оваа институција била предвидена со програмата за работа на ДЗР за 2019 година и дека таа нема врска со најновите случувања поврзани со СЈО и објавените информации за висината на исплатените бонуси на обвинителите