Заев: Во односите меѓу нашата држава и Русија има неискористен потенцијал

Четврток, 14 Ноември 2019 14:52 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Членовите на македонско-руската Мешовита меѓувладина комисија на денешната средба договориле соработката во досегашните области – енергетиката, транспортот и земјоделството, да се прошири и во други сектори.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на средбата со руската деловна делегација, која учествуваше на денешниот бизнис форум во Скопје.
На средбата во Владата, делегацијата на Руската Федерација ја предводеше заменик министерот за индустрија и трговија на Руската Федерација Алексеј Груздев, придружуван од амбасадорот на РФ во нашата земја Сергеј Александрович Баздникин.

-Односите меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација се традиционално пријателски и нив ги карактеризира позитивен дух, но и одреден неискористен потенцијал, кој треба да биде одредница за тоа во кој правец би требало да се движат односите во економската соработка во иднина. Особено радува фактот дека во дијалогот во Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка од оваа година е внесена нова динамика. Тоа е добра основа за продлабочување на соработката, рече Заев на средбата.

Тој информира и дека во Меѓувладината комисија е договорно да се формираат посебни работни групи за конкретизирање на соработката.
Руската делегација истакна дека преку институциите на Руската Федерација ќе се охрабрат иницијативите за унапредување на деловното партнерство.

На средбата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и претседател на македонскиот дел од Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу двете земји Трајан Димковски