Средба Пендаровски-Макрон на маргините на мировниот форум во Париз

Вторник, 12 Ноември 2019 07:58 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

На маргините на Парискиот форум, денеска претседателот на државата Стево Пендаровски би требало да оствари билатерална средба со Емануел Макрон, како и со австриската канцеларка Бригит Биерлејн, генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Пендаровски кој е во дводневна посета на Париз, вчера учествуваше на вечера за шефови и држави на влади организирана од францускиот претседател во пресрет на Парискиот мировен форум кој се одржува денеска и утре. Денеска претседателот ќе учествува на мировниот форумот каде ќе има обраќање пред учесниците и на кој ќе се осврне на регионалната безбедност, најавуваат од неговиот кабинет.

Емануел Макрон ќе го отвори Форумот утрово, заедно со избраната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, претседателот на Демократска република Конго, Феликс Чисекеди и потпретседателот на Кина, Ванг Чишан.

Учесници се и српскиот претседател, Александар Вучиќ, германскиот министер за надворешни, Хајко Мас, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, но и Александар Сорос, синот на Џорџ Сорос.

Билатералната средба со Макрон доаѓа неколку недели по француското вето за преговори со Северна Македонија и барањето на Франција да се замрзне проширувањето додека не се реформира Европската Унија внатрешно.