Ќе се прави нов модел за субвенционирање на туризмот, туристичкиот сектор со заеднички предлози

Вторник, 22 Октомври 2019 12:56 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Нов модел за субвенционирање на туризмот во земјава треба да биде приоритет, бидејќи сегашниот што се применува истекува во јануари, а и моделот кој е применет веќе не одговара на сегашните состојби во туризмот. Здруженијата од туристичкиот сектор, заедники денеска на министерот за економија му ги претставија своите идеи за унапредување и подобрување на моделот за субвенционирање на туризмот.

– Како прв предлог што сакаме да го ставиме со најголем приоритет тоа е моделот за субвенционирање на туризмот во државата. Знаеме дека тековниот закон истекува со крајот на годината, треба да побрзаме да донесеме нов закон. Имајќи во предвид дека доаѓаат избори и од јануари ќе има техничка влада мора да го ставиме ова со висок приоритет и да му дадеме сериозен пристап и од нас како поддржувачи, рече претседателот на Туристичко угостителската комора, Владимир Граматиков.

Според него, доколку не се направи нов модел ќе се изгуби чекорот со соседните држави.

– Големите тур-оператори веќе ги креираа своите пакети за следното лето. Доколку ние немаме во скоро време што да им понудиме, можно е да се случи земјава да не се појави на програмите на дел од тие оператори, порача Граматиков.

Асим Меџедовиќ, координатор за агенции на ХОТАМ, истакна дека треба да се донесе решние кое е подобро и ќе ги олесни административната бирократија, а истовремено нема да има импликации врз буџетот.

-Годишно за субвенционирање на туризмот се одвојуваат од една до два милиони евра од Буџетот и за овие пет години не се искористени. Правилникот за субвенционирање чија примена истекува на крајот на оваа година е донесен пред 10 години, ситуацијата сега е променета и имаме нови моменти и бараме да дојдеме до ново решение, рече Меџедовиќ.

На прес-конференцијата појаснија дека со тековниот модел увиделе кои се недостатоците, ги анализирале моделите и на другите држави со што дошле до еден така заеднички модел, еден сублимат кој е апликативен за нас. Главно, како што беше посочено, се базира на подигнување на чартер-летови како најголема трошковна стапка кај тур-операторите кога почнуваат нова дестинација, но исто така не ги исклучува и туристичките групи со редовните авионски линии, патничкиот сообраќај и железничкиот сообраќај.

Промена има и во самата документација која ќе го направи поедноставен, потранспарентен, недискриминирачки. Покрај редовното субвенционирање исто спомнуваат и еден нов тип субвенционирање, а тоа е конгресниот и спортскиот туризам кој главно би се субвенционирал во периодот од октомври до мај кога туристичката активност е помала.

Тие предлагаат и измени во делот на банкарската гаранција околу осигурување на патувањата. Според нив, тоа паѓа на товар на агенциите, особено на помалите и она што го нудат е решение што веќе се користи во многу европски држави, а тоа е осигурутелната полиса која го заштитува и патникот, и соработниците на туристичките оператори и не претставува дополнителен товар на самите оператори.

Министерот за економија Крешник Бектеши потенцира дека како институции се транспратенти и учествуваат во вакви работни групи со цел заеднички да се продискутира со сите за да се подобри туристичката понуда, но истовремено да се помогне и на економијата, имајќи предвид дека овој сектор има влијание индиректно во целокупната економија.

-Како министер за економија во наредната недела ќе свикам состанок со работната група. Ќе ги повикаме и нивните претставници да учествуваат со цел што побрзо да навлеземе во промени на моделот на субвенционирање. Ова процедурално не трае многу бидејќи е правилник што треба да се смени, не е законско решение што се однесува до моделот на субвенционирање, но треба да имаме предвид дека моментално го работиме буџетот за 2020 година и е многу важно странските тур-оператори да бидат информирани навремено за моделот на субвенционирање се со цел наредната сезона да привлечеме што повеќе странски туристи. Истовремено да биде предвидливо и за странските и за нашите тур-оператори условите за субвенционирање на странски туристи, истакна Бектеши.