Граѓаните се жалат, патот Струга-Ќафасан не се санира

Среда, 02 Октомври 2019 13:16 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Иако министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во понеделникот тврдеше дека се веќе во тек градежните работи за рехабилитација на патот Струга – граничен премин Ќафасан, граѓаните и возачите со кои денеска зборувавме, го тврдат спротивното. Велат – на делницата не се забележува никаква градежна активност.

 

„На патот Струга-Кафасан нема никакви активности за изградба на патот. Требаше пред две-три години да се постави еден слој на патот, но досега нема резултат. Само зборуваме, а не работиме ништо…“

„Патот, самите гледате. Секој ден сè повеќе се расипува, а не се прави. Велат ќе го прават, но кога, никој не знае. И тие самите не знаат.“

„Само каналите се чистат, а за патот ништо не се работи. Јас денес двапати бев до Ќафасан. Тоа е катастрофа…“, рекоа анкетираните жители.

 

Но, министерот Сугарески не мисли вака. На прашањето на Алсат зошто тврди оти на патот има градежни активности, но всушност само се чистат одводните канали, Сугаревски одговара:

„Апсолутно и тоа се градежни работи. Не треба само асфалтирањето како градежна активност да го сметаме…“, вели министерот Сугаревски.

Во однос пак, на изградбата на автопатот Охрид – Кичево, каде работите се одвиваат со забавено темпо, Сугаревски е оптимист.

„…Очекуваме сериозно зголемување на процентот на реализација. Рокот е јуни 2021 година. Се прават обиди еден дел од автопатот да биде пуштен наредната година од Охрид до Врбјани. Но, тоа треба уште еднаш да се анализира“, додава Сугаревски.

Инаку, Сугарески тврди дека сè уште не може да се каже колку точно на крајот ќе чини овој автопат за кого Владата и кинеската градежна фирма Синохидро лани потишаа анекс за исплата од буџетот на дополнителни околу 190 милиони евра.