Владата ќе се откаже од данокот на капитални добивки?

Среда, 02 Октомври 2019 13:09 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Сè уште постои простор Владата да се откаже од намерата да ги оданочува капиталните добивки на граѓаните. Тоа се дивиденди, приходи по основ на кирии, добивки од игри на среќа. Доколку најавената даночна реформа даде негативни резултати, можно е владата да го повлече законското решение. Актуелно со него се предвидува од 2020 година прогресивно да почнат да се оданочуваат капиталните добивки со стапка од 15 проценти.

 

„Сакаме да го стимулираме пазарот на капитал, сакаме да го стимулираме развојот на берзата. Доколку тоа е една од мерките коишто треба да се направат за да биде тоа стимулирано, секако ќе разговараме и за таа опција“, рече Кочо Анѓушев вицепремиер за економија.

Негативни ефекти од оваа владина мерка, ако се воведе, сигурно ќе претрпат домашните инвеститори, тврди директорот на Македонска берза Иван Штериев. Како предизвици со кои треба да се справи оваа дејност, освен фискалните аспекти и оданочувањето е и дилемата што ќе се случува со задолжителната котација која важи до април идната година?

„Генерално, доколку се гледаат статистичките податоци на берзата од претходниве неколку години, процентот на учество на странци е многу мал, така да не верувам дека евентуални даночни промени би имале ефект на одлив на странски инвестиции. Ние треба да работиме на други полиња да ги привлечеме странските инвеститори на берзата. Но, ефекти од оданочување на капиталните добивки на домашните физички лица кои се многу активни, би имало“, рече Штериев.

 

Освен бизнис-заедницата која најгласно го крена гласот против прогресивниот данок и брокерите и банкарите се на став дека двојното оданочување негативно ќе влијае врз прометот на берзата. Ставот на владата е дека со прогресивното оданочување ќе се соберат повеќе пари во државната каса.