Арсовска на Економист: Западен Балкан е слепото црево на Европа, неопходна е ЕУ интеграција

Вторник, 01 Октомври 2019 16:41 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

На панел сесијата посветена на економијата во рамки на Самитот на лондонски Економист, претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска, заедно со директорот на канцеларијата на Светска Банка во Македонија, Марко Мантованели и претседателот на Федерацијата на индустрии на Грција (СББЕ), Атанасисо Савакис, дискутираа за можноста Западен Балкан да се развива како бизнис хаб, со особен акцент на привлекување на инвестиции во регионот, инфраструктурана поврзаност, како и можноста за економски раст преку иновации.

Давајќи одговори на трите теми Арсовска истакна дека погрешен е пристапот државите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија да се гетоизираат во Западен Балкан.

„Западен Балкан како гето не носи повеќе можности за успех, ниту за државите поединечно, ниту како регион и овој пристап не даде резултати. За да се овозможи развој потребно е Македонија, што поскоро да се интегрира во Европската Унија, а не да биде дел од Западен Балкан, како слепо црево на Европа. Тоа е единствениот начин за да ни се овозможи подеднакво да учествуваме на единствениот економски пазар, но и да пристапиме и да се отвориме кон и за глобалните пазари. Датумот за интеграција треба да е транспарентен и извесен,  како и безрезервната поддршка во имплементирање на структурните економски реформи. Она кое што е предизвик за сите држави од Западен Балкан е што сите меѓусебно се конкуренти и покрај тоа што традиционално се најдобри партнери во трговската размена заедно со Западно Европските земји. Вториот заеднички предизвик за економски развој на регионот е владеењето на правото, поточно, најголемиот јаз  согласно индикаторите на Светска Банка помеѓу земјите од ЕУ и  Западен Балкан  е владеењето на правото,  борба против криминалот и корупцијата“, изјави Арсовска.

Таа додаде дека со отстранување на бариерите кои го отежнуваат растот на компаниите во земјите од регионот, ќе се создаде можност преку поттикнување на претприемништво и иновации, да се создадат нови работни места и да се искористи потенцијалот на човечки капитал кој е клучен за постигнување на економски раст.

Арсовска посочи дека инфраструктурните проекти се долгорочни ивестиции кои ќе го поврзат регионот со светот, при што условите за напредок преку заеднички регионален пазар од над 20 милиони ќе го направат регионот поконкурентен, но и секоја од државите поединечно, со оглед на тоа што засебно сме мали пазари, а преку хармонизирање на инвестициските политики ќе им се овозможи на странските вложувачи да работат послободно во регионот.

На еднодневниот самит на заесебни панел сесии дебатираа и премиерот Зоран Заев, Лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас,  министерот за надворешни работи Никола Димитров, поранешниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц, поранешниот помошник државен секретар на САД Вес Мичел, и поранешниот премиер на Белгија Гај Ферхофштад.

Минатата година Самитот на ЕУ и Западен Балкан се одржа во Белград, каде претседателот Арсовска учествуваше на панел сесија посветена на одржлив пат на регионот кон економски развој,  претходно во Подгорица, Виена, Букурешт и други европски центри.