Катица се врати во Шутка, а Кичеец си оди дома

Вторник, 24 Септември 2019 14:47 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Катица Јанева по втор пат се соочи со Вилма Рускоска. За разлика од пред 24 дена, поранешната шефица на СЈО, во Обвинителството за организиран криминал денеска на пладне беше донесена од Шутка со полициско комбе. Со лисици и кеса во рацете, затворската полиција ја внесе во зградата за да даде исказ како осомничена во „Рекет“. По неполн час, Јанева излезе и ја вратија во притвор. Не кажала ништо пред Рускоска. Сакала лично да направи увид во доказите во четврток, па дури потоа да ја каже својата верзија на аферата.

Прашање: Дали имате некаква реакција за оваа постапка, со оглед на изјавата на Дуковски вчера?

„Ние бевме известени денеска дека утре ќе ни биде врачено известување за завршување на истражната постапка“, рече адвокатката Фрчкоска.

Прашање: Денеска не ви беше врачено известувањето?

„Не, само нè известија дека утре ќе ни биде доставено. Сметаме дека тоа е повреда, бидејќи исказ на осомничена, обвинителството е должно да преземе и е должно да ја сослуша осомничената пред да ја заврши истражната постапка“, рече Ирена Фрчкоска, Адвокат на Катица Јанева.

Но, завршувањето на истражната постапка оди во полза на Јанева. Ѝ се отвора можноста да бара да излезе од Шутка.

„Со завршување на истрагата отпаѓа точката два, којашто значи влијание врз доказите, така да ќе се створи можност да остане само по точка еден, што подразбира бегство и ќе се отвори можност за нудење на гаранција, истата да биде пуштена да се брани од слобода со гаранција. Ние уште утре кога ќе го добиеме тоа известување ќе се обратиме до судот и ќе укажеме на судот и мислиме дека и на обвинителството е исто таква обврската да и самото тоа се грижи да притворот трае што помалку…“, изјави Дељо Кадиев, Адвокат на Катица Јанева.

Завршената истрага за „Рекет“, денеска му овозможи ќелијата во Шутка со куќен притвор да ја замени второ осомничениот Зоран Милевски – Кичеец. Барал поблага мерка, а Вилма Рускоска дала зелено светло тој да биде во домашна изолација. Во „Рекет“ осомничени се Боки 13, Кичеец и Катица Јанева. Инаку, вчера во обвинителството за давање исказ, беше донесен и Бојан Јовановски. Но исто како и Јанева денеска – и тој побара прво да ги види доказите, па потоа да даде исказ.