Тасева: УЈП требаше порано да ги проверува фирмите на Јовановски

Четврток, 22 Август 2019 13:12 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Откако Јавното обвинителство оформи предмет за случајот „Рекет“ и три лица отидоа во притвор, меѓу кои и специјалната обвинителка Катица Јанева, Управата за јавни приходи најави дека ќе изврши контрола на работењето на фирмите поврзани со првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13. Како што рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска, тие ќе испитуваат дали 1ТВ, БЈМ Медиа груп и МеЃународен сојуз ги платиле сите обврски кон државата.

Според поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Слаѓана Тасева, оваа контрола требало да се изврши порано, а не кога обвинителството веќе врши истрага.

„Она што е чудно во овој случај е што УЈП најавува таква контрола кога веќе обвинителството има истрага. Сега веќе нема простор за таква контрола, таа требало да се направи порано. Сега УЈП треба да постапува само по налог и со насоки на јавното обвинителство, а не да прави редовна контрола“, вели Тасева.

Во однос на тоа дека УЈП ја најави контролата, Тасева објаснува дека тоа е вообичаено и дека се прави и кога Управата оди во редовна контрола на компании, односно кога нема некој случај за кој е заинтересирана јавноста.

„Таа постапка е различна од онаа кога јавен обвинител оди да собира докази. За контролите на УЈП е потребно фирмите да бидат информирани, за да бидат подготвени, да ја имаат потребната документација што ќе им биде побарана итн“, додава Тасева.

Според информации од УЈП, во фирмите на Јовановски ќе се врши даночна контрола, што е во рамките на нејзината работа. Контролата е по сопствена иницијатива на управата и не е по налог на јавното обвинителство, но евентуалните сомнителни наоди ќе им се предадат на обвинителите.

Невладината организација Меѓународен сојуз го привлече интересот на јавноста и на истражните органи откако бизнисменот Силјан Мицевски ѝ испратил на пензионерката Лилјана Тодоровска авторски хонорар од 720 илјади евра за идејата преку организацијата да се градат европски пензионерски домови. За 1 ТВ, пак, во јавноста се отвораа прашања за потеклото на парите со кои се финансираше телевизијата, која вложи во скапа опрема и ангажираше поголем број искусни новинари. 

Од УЈП велат дека нема да го утврдува потеклото на парите, туку дали за платите, хонорарите и за другите исплати во овие субјекти бил плаќан данок.