Домаќинствата ќе почнат да купуваат сами струја ако цената се преполови

Понеделник, 29 Јули 2019 12:38 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Слободниот пазар на струја целосно ќе профункционира дури кога ќе се преполови цената на регионалниот пазар. Дури тогаш на граѓаните ќе им се исплати да излезат на либерализираниот пазар и самите да купуваат струја, а не да чекаат на универзалниот снабдувач. Од регулаторната комисија за енергетика не наведуваат дали или кога тоа ќе се случи. Дури кога ќе се создадат услови, снабдувачите ќе почнеле да им нудат поволни пакети на домаќинствата. Цената во моментов изнесува 65 евра за мегават час или околу 4 денари за киловат час.

„Кога на цената од четири денари за киловат час ќе се додаде трошокот за мрежарина, дистрибуција и пренос, кој е фиксен и изнесува околу два денара, вкупниот трошок би бил приближно шест денари за киловат час. Во овој момент цената која ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар е 4,5 до 4,6 денари за киловат час, а за да им биде исплатливо да излезат на слободниот пазар цената на регионалниот пазар треба да биде околу 2,5 денари за киловат час“ – рече Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Засега, излезот на слободниот пазар е исплатлив за големите и се повеќе за малите фирми. Вкупните трошоци на помалите потрошувачи сега се пониски за над 30%. Регулаторната комисија за енергетика ја намали цената за приклучок на струја на објектите на домаќинствата изградени на локации за кои нема детални урбанистички планови од над 3 илјади евра на 400 евра. Комисијата апелира до општините да бидат поажурни и да донесат ДУП-ови. Најголеми вакви проблеми има во западниот дел од земјава.

„Тоа значи дека и во оние општини каде од разни причини советите не донеле соодветна планска документација, што беше предуслов за да се стекне некој со правото за „стандарден приклучок“, ќе може да се стекнат со таков статус новите корисници кои ќе се приклучуваат на мрежата доколку се утврди дека има изградено повеќе куќи и има повеќе потенцијални баратели. Со тоа нема повеќе да влегуваат во категоријата „нестандардни приклучоци“ и да добиваат трошок за приклучување од три, четири, пет, па и шест илјади евра во зависност од побараната едновремена моќност, оддалеченоста од мрежата и од реалните трошоци на операторот на дистрибутивниот систем, туку ќе плаќаат 400 евра за приклучок на мрежата. Има општини што немаат донесено соодветна планска документација и детални урбанистички планови, а од увидот што го вршиме на терен, кога добиваме жалби, гледаме дека веќе се изградени куќи. Сметаме дека таму нема проблем операторот на дистрибутивниот систем да си ја планира својата мрежа, бидејќи ги гледа новите потрошувачи. Нема потреба да бидат оштетени овие категории на граѓани и да плаќаат високи трошоци за нестандардни приклучоци, туку треба да влезат во категоријата стандарден приклучок“ – рече Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Инаку, пред еден месец, РКЕ донесе одлука цената на струјата која граѓаните од јули и ја плаќаат на новата компанија ЕВН Хоум да не се менува. Државните електрани понудија целосно да ги задоволат потребите на домаќинствата по цена од 34 евра за мегаватчас, што е за 15% поевтино од лани.