Измена во системот на субвенции бара Агенцијата за промоција на туризмот

Среда, 17 Јули 2019 13:51 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Значително помалку Турци ја посетиле земјава. Според Агенцијата за промоција на туризмот ова е причината за падот на вкупниот број на туристи од 4.8% во мај. Поради падот на лирата, Турците имаат слаба платежна моќ. Ако лани во мај земјава ја посетиле 14 илјади Турци, годинава во мај имало само 6.295. Сепак, од Агенцијата очекуваат добра сезона, раст од 3.5%, со што вкупниот број на туристи треба да достигне 1.3 милиони.

Директорот на Агенцијата бара измена на системот на субвенции, бидејќи дел од нив немале ефект, како на пример, поддршката за носење на туристи од Холандија. Бројот на туристи бил зголемен, но само минимално. Вели бројките покажуваат дека само операторите ТУИ и Корендон земале дури 84% од вкупната сума за субвенции која годинава е во висина над 600 илјади евра. Од Агенцијата бараат ист износ на субвенции за туристи независно од која држава доаѓаат, повисоки субвенции за вон сезона, како и поголема поддршка за руралниот туризам.

Од Агенцијата признаваат дека ако биде загрозен статусот на Охрид во УНЕСКО, тоа ќе се одрази врз туризмот. Јаневски вели дека неопходно е да профункционира и туристичка инспекција, за што ќе се координираат со УЈП и пазарната инспекција. На тој начин ќе се зголеми наплатата на туристичката такса и девизниот прилив кој изнесува 381.5 милиони долари. Агенцијата за туризам годинава има буџет за промоција на земјава од 146 илјади евра. Со овие пари, земјава се промовира во 12 земји, се оди на саеми за туризам, се подржуваат 35 манифестации, се реализираат проекти за промоција на дестинации вон Скопје и Охрид.