Живееме во блокади: Се помалку сметки, а се повеќе блокирани

Среда, 10 Април 2019 11:58 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Се намалува бројот на трансакциски сметки, ама расте брјот на тие што се блокирани. За еден месец, над 2.000 луѓе биле блокирани, а блокада на сметката им е ставена на нови 500 фирми. Податоците кои ги објави Народната банка а кои се однесуваат на показателите за сметките до декември лани покажуваат дека на месечно ниво има пад на бројот на трансакциски сметки кои ги поседуваат граѓаните и фирмите. Од ноември до декември сепак, бројот на блокирани депоненти се зголемил. Растот на блокирани граѓани е зголемен и ако се анализираат бројките на годишно ниво.

Сметките на граѓаните и на фирмите ги блокираат банките и извршителите за земени, а невратени кредити, но и за неплатени комунални сметки, фирмарини, даноци на имот.

Според бројките од Народната банка, на крајот на декември лани, бројот на блокирани депоненти изнесува 111.056, додека само месец претходно бројот на блокираните е 108.402. Од тие кои останале блокирани пред дочекот на Нова година или на крајот на декември 2018 година,  82.029 се физички лица. Тие впрочем имаат по една или повеќе блокирани сметки. На крајот на ноември пак блокирани биле помалку граѓани или 79.869 лица. Кога станува збор за фирмите, на крајот на минатата година во блокада се 29.027 лица, додека месец претходно блокирани биле 28.553 фирми.

Нагорен тренд и на годишно и на месечно ниво има и ако се анализира бројот на блокирани сметки. Имено на крајот на минатата година блокирани биле 236.764 сметки од кои дури 193.598 се на граѓани односно на физички лица.

Во исто време во земјава на крајот на 2018 година имало отворени 3.952.690 сметки, што е помалку во споредба со ноември кога постоеле 3.962.508 сметки.