Заев и Бектеши ги слушнаа проблемите на охридските дуќанџии

Петок, 29 Март 2019 15:24 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Покрај средбите во чаршијата Заев и Бектеши ќе се сретнат и со сопственици на хотели.

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски денеска во Охрид имаа средби со дуќанџиите и занаетчиите во Охридската чаршија, како и со сопственици на хотели од овој регион. Разговараа за условите за работа и значењето на владините мерки за поддршка, како и размислувањата и предлозите за развој на туризмот.

– Сите сме согласни дека поддршката за мали и средни претпријатија што ја обезбедува Владата е значајна и таа ќе продолжи, а заеднички се очекувањата економските политики да резултираат со зголемување на личната потрошувачка што за овие семејни бизниси и занаетчиски работилници ќе значи и зголемување истовремено и на профитот – изјави премиерот.

Тој истакна дека е важно за малите и средни претпријатија што година се менува казнената политика што во минатото беше репресивна и служеше за притисоци и закани и политички влијанија кон приватниот сектор, посебно кон малите бизниси.

 

– Казните ќе бидат правични и сразмено согласно големината на фирмите и нема да го загрозуваат работењето и опстанокот на фирмите и секако нема да го отежнуваат животот на граѓаните. За фирмите при одмерување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен од претходната година, бројот на вработени и претходни санкционирања за истите или слични прекршоци – рече Заев.

Според новиот Закон за малите фирми минималната глоба ќе биде 50 евра, а максималната глоба изнесува 2.000 евра.

– За споредба, согласно стариот закон максималната глоба изнесуваше 5.000 евра, што значи глобите за малите фирми се намалуваат за 60 проценти. Пред глобата може да се изрече опомена или во случај кога прекршокот е сторен првпат и не предизвикал штетни последици или не го загрозил јавниот интерес, затоа Законот мора и ќе важи еднакво за сите – рече премиерот.

Тој додаде дека инспекциските служби редовно и навремено преку едукативен пристап и возобновена соработка со компаниите ќе вршат контрола и надзор над работењето.

Според него, целта е да се врати оптимизмот кај компаниите, да се поттикне законското работење и плаќање на обврските, а секако и да се активира личната потрошувачка што на компаниите ќе им донесе повисоки профити и повеќе заработувачка.

Соопшти дека покрај средбите во чаршијата ќе остварат средба со сопственици на хотели од овој цел крај, за да ги слушнат размислувањата и предлозите за развој на туризмот во овој регион.

– Изминатата 2018 година имавме рекордно висок износ на туристи кој изнесуваше над еден милион што придонесе и раст на девизниот прилив да биде од 16,7 проценти споредено со 2017. Очекувам дека оваа година можеме уште подобри резултати да постигнеме доколку сите заедно се вложиме во реализација на зацртаните цели и сите политики за развој на туризмот во нашата земја – рече премиерот.

Министерот за економија истакна дека минатата година е надминат бројот на милион туристи согласно стратегијата за развој на туризмот и оти очекувањата се таа бројка годинава да биде 1,3 милиони туристи, како и четири милиони ноќевања во угостителски и хотелиерски објекти.

Во однос на мерките за субвенционирање на домашниот туризам, соопшти дека од 26 пријавени хотели во земјава 14 хотели се од Охрид, што значи дека над 20 проценти од сите добитници на оваа мерка што ја спроведува Владата преку Министерството за економија оваа година ќе престојуваат во Охрид.

– Не застануваме тука. Во моментот работиме на новата бренд стратегија и затоа дополнително со премиерот ќе имаме средба и со хотелиерите каде што ќе ги слушнеме нивните предлози се со цел да имаме што поголем развој на туризмот во Република Северна Македонија, но и во Охрид конкретно – истакна Бектеши.