Околу 6.000 фирми никнуваат и згаснуваат во една година

Петок, 18 Јануари 2019 14:13 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Компаниите во Македонија многу брзо никнуваат, но и многу брзо згаснуваат. Најголема стапка на преживување се забележува кај фирмите од секторот здравствена и социјална заштита. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, за една година биле регистрирани 7.132 новосоздадени претпријатија, што претставува 10,4 отсто од вкупно активните претпријатија во Македонија. Најголемиот дел новосоздадени претпријатија, 28,4 отсто, се во секторот трговија на големо и мало. Според ДЗС, од вкупниот број активни претпријатија, згаснати биле 9,7 отсто, односно 6.648. И меѓу згаснатите претпријатија најголем број се од секторот трговија на големо и мало.

– Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија од дејности на здравствената и социјалната заштита, 71,6 отсто, и од финансиските дејности и дејностите на осигурување, 66,7 отсто – велат од ДЗС.

Експертите сметаат дека е нормално мали фирми да се отвораат и да се затвораат со зачестена динамика, но дека е потребно државата повеќе да внимава на микро, малите и средните претпријатија, затоа што се очекува тие да имаат значаен придонес во економскиот развој на земјата и, што е уште позначајно, да придонесат за намалување на невработеноста.

– Oтворањето и затворањето фирми е секојдневна појава во редовни и нередовни економски услови во земји со пазарна економија, на пример како економска и политичка криза. Значи, тоа не е карактеристика само за Македонија. Во наши услови е дадена можност за брзо и релативно евтино отворање фирми, што значи дека не постои голем трошок за нивно отворање. Во таа насока, значајно беше создавањето поволна деловна клима (фискална и монетарна слобода, катастарска брзина и стабилност) – објаснува Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“.

Од друга страна, пак, како што вели тој, долготрајната економска и политичка криза ги ограничи, па дури во некои области и драстично ги намали можностите за економско дејствување и остварување добивка, што предизвикува сѐ почесто затворање фирми, што е особено карактеристично за помали фирми (ДОО) што брзо се отвораат, но и брзо можат да згаснат.

– Истовремено, кај голем број претприемачи се појави желба за релативно брза заработувачка, па ако не се случи тоа, се оди кон затворање на постојната и отворање друга фирма во некоја друга област – нагласува Неновски.

И според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитет на Југоисточна Европа, овој процесот во принцип е нормална појава во пазарната економија.

– Сепак, треба да се направат детални анализи за причините за да се дојде до конкретна констатација, што во случајов не е можно. Теоретски се знаат причините за неможноста за стабилизирање и одржување на фирмите што се отвораат и влегуваат на пазарот, а тие најчесто се од економска природа – погрешни бизнис-планови и модели, неодржливи и нестабилни услови на пазарот, конјукнтурни и клиентелистички причини, од типот на поврзување со политика, при што тие стануваат неконкурентни – истакна Беџети.

Како што вели тој, не би требало да се почне бизнис заснован на мерки на држава, бидејќи ако така се започнува нов бизнис и функционира сѐ додека добива државни субвенции, тогаш тоа е одличен сигнал за донесувачите на политиките за погрешни мерки. Тој смета дека почетните мерки треба да им бидат дадени на бизнис-планови и модели што обезбедуваат одржливост, ако не и пораст.

– Секој вид организирано претпријатие треба да се третира соодветно на големината. Едно се стартап-компании, а друго е постојан бизнис. За секој вид организирање треба да се дизајнираат соодветни мерки, во зависност од очекуваните резултати и приоритети. Палетата мерки е голема, во зависност од секторот, бизнис-моделот, за кој пазар е наменет, колкава иновативност има во еден проект, и сето тоа оптимизирано и комбинирано со моделот на економски пораст и развој на државата, а за тоа треба фундаментална студија – истакна Беџети.

Тој смета дека треба да се определат приоритети и проекти што ќе дадат придонес во создавање синџир на нова вредност, во смисла на реиндустријализација на економијата, супституција на увозот, и повеќе да се фокусира на нова понуда отколку на поттикнување на побарувачката.

Од Сојузот на стопански комори неодамна истакнаа дека, и покрај кризата во која се наоѓаше државата, компаниите наоѓаа начини како да се задржат на пазарот, да останат конкурентни и да го зголемат бројот на вработувањата.

– Не е лесно да се води бизнис, бидејќи нема една одредена формула што ќе каже кој е патот до успехот. Има многу предизвици, особено во Македонија, и на компаниите пред сѐ им се потребни политичка стабилност и стабилни институции. Ние сме во континуирана криза веќе со години и затоа компаниите наоѓаат начини како да опстанат, да го зголемат бројот на вработувањата, да ги зголемат своите капацитети и да бидат успешни не само на домашниот пазар туку својата дејност да ја прошируваат и надвор од границите на нашата земја – истакнаа од ССК.