Данела Арсовска: Борбата против сивата економија ќе има поголем придонес во буџетот од било кое покачување на данок

Среда, 05 Декември 2018 12:12 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

“Суштинските реформи треба да бидат во насока на обид да се справиме со сивата економија која е нелојална конкуренција на регистрираните субјекти, со што прво би постигнале праведно оданочување од аспект на тоа секој кој врши дејност во Република Македонија да има подеднакво обврска да плаќа данок, а не само оние кои регистрирано работат, за потоа да може да се зборува за воведување прогресивен данок, со проценка на моментот дали и кога е најповолно истото да се стори”, вели Арсовска во интервју за Капитал.

И покрај тоа што бизнис заедницата бараше одложување на даночните реформи, се чини дека Владата ќе стартува со овие измени на даночниот режим без поддршка на бизнис заедницата. Каква порака праќа тоа за фирмите?

Најголемиот недостаток на отпочнување со процес на вака сериозни реформи е брзината со која се носат законските решенија. Било која измена на легислативата која го засега приватниот сектор треба да ги следи препораките на Европската Унија и Советот на Европа за вклучување на засегнатите релевантни страни во процесот на драфтирање на законските решенија кои директно ги засегаат. Овие препораки се клучни од повеќе аспекти, но најмногу како би ја имал во овој случај приватниот сектор можноста да даде свои конструктивни предлози со цел да се избегнат посериозни проблеми при имплементација на легислативата која се креира или менува. Брзите промени на законите никогаш не се препорачани, а особено во толку краток рок пред отпочнување со примена што е случај и со новото решение на Предлог Законот за данокот на личен доход, бидејќи таквите брзи промени допринесува за неизвесност кај компаниите, имајќипредвид дека тие веќе ги имаат донесено бизнис плановите и буџетите за следните години во кои овие измени во оданочувањето најавени на самиот крај од тековната година, не се пресметани.
Ваквитепромени може да резултираат со воздржување од нови проекти, како и со извесна даночна евазија на подолг рок, бидејќи приватниот сектор во континуитет се соочува и со конкуренцијата од сивата економија, што претставува постојан притисок кој сериозно влијае на борбата на компаниите за опстојување на пазарот. Воедно, континуирано се апелира дека со регистрирање и оданочување на сивата економија, ќе се постигне поголем ефект за допринос во буџетот, од било кое планирано поединечно покачување на данок.

Вие сте претставник на многу мали и средни фирми во Македонија, па може ли од нивно име да ни кажете кои ќе бидат најголемите измени кај овој сегмент на фирми и каков товар тие ќе предизвикаат?

Малите и средни претпријатија немаат значително зголемување во продуктивноста во изминатите години, а регистрирано е зголемување на трошоците во работењето. Од таа причина фокусот на реакциите најмногу е во зголемување на данокот за хонорарите по основ на договор на дело кој како трошок не е предвиден во работењето на компаниите, но не помалку реакции има и за зголемувањето на данокот на закуп, даноците на осигурувањето и на капиталните добивки, како дивидендите и трансакциите при тргување со хартии од вредност и особено зголемување на данокот од доход од продажба на сопствени земјоделски производи. Воедно секое зголемување на номиналната стапка за правните лица значи зголемување на вкупното даночно оптоварување врз компаниите бидејќи се носители на обврската за исплата на данокот на персоналниот доход. Поточно, стопанските субјекти се тие кои како исплатувачи се обврзани да го платат персоналниот данок и тоа не само по основ на плата, туку и во случај на исплата по основ на договор за повремено или привремено вршење на услуги, авторски права, имот и имотни права, добивки од игри на среќа итн.  Од истото евидентно е дека направени се зголемувања на стапките не само кај високите плати, туку и кај другите категории на доход со што се зголемува даночното оптоварување  кај стопанските субјекти.

 

Целосното интервју можете да го погледнете на следниот ЛИНК

Последен пат изменето на Среда, 05 Декември 2018 13:50