НБ: Расте штедењето што е основа за раст на кредитирањето

Четврток, 30 Јануари 2020 14:52 Напишано од  Објавено во ФИНАНСИИ

Продолжува растот на кредитната активност и на депозитната база на банките, што упатува на стабилни очекувања и зголемена доверба. Поконкретно, кредитниот раст, минатата година достигна 6 отсто, додека растот на вкупните депозити изнесува 8 отсто, оценува Советот на Народната банка.

Банката очекува во следниот период депозитната база на банките и натаму да расте со што ќе обезбеди и стабилни извори за финансирање на кредитниот раст.

Според оценката на Советот на Народната банка, монетарната политика е соодветна на постојните и проектираните економски и финансиски услови.

„Макроекономските показатели не отстапуваат значително од проектираната патека. Економската активност растеше и во третиот квартал од минатата година, а расположливите податоци за четвртиот квартал засега се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал“, оценува Народната банка.

Годишниот раст на домашните цени во четвртиот квартал минатата година забави и беше под очекувањата од октомвриските проекции. За целата мината година, годишната стапка на инфлација изнесува 0,8 проценти и не отстапува значително од октомвриската проекција од еден процент.

Како што е наведено во Извештајот, последните расположливи податоци за билансот на плаќања не упатуваат на поголеми отстапувања кај тековните трансакции и тековите во финансиската сметка, во однос на проекциите. Податоците за четвртото тримесечје покажуваат натамошен раст на девизните резерви, којшто ги надмина очекувањата. Според сите показатели за адекватноста, резервите и натаму се во сигурната зона.

При разгледувањето на Извештајот било истакнато дека ризиците од надворешното и домашното окружување и понатаму постојат, без позначајни промени во однос на октомвриските проекции. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.