Финансиска помош за земјоделски стопанства чиј носител е жена

Вторник, 26 Ноември 2019 10:42 Напишано од  Објавено во ФИНАНСИИ

Платежната агенција денеска го објави Јавниот повик за доставување на барања за мерката 115 „Активен женски член во земјоделското домаќинство“, од Програмата за рурален развој за оваа година. Максималната финансиска поддршка е во износ од 180.000 денари или 3.000 евра во форма на грант.

Корисници на оваа мерка можат да бидат земјоделски стопанства чиј носител е жена, запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оваа мерка е наменета за проекти коишто се однесуваат на доработка и преработка на примарни земјоделски производи од сите земјоделски гранки. Воедно, преку мерката жените земјоделки ќе можат да се набават опрема за постпербени активности, за преработки на фарма и за директен маркетинг на фарма.

Дополнително, преку оваа мерка се промовира и директна продажба или продажба од праг. Подготвен е и Правилник за флексибилност за производи од животниско потекло, којшто дава основа за продажба од праг. Со тоа идентитетот и квалитетот на производот којшто го произведуваат жените во руралните подрачја ќе дојде до израз.

Според регистарот во МЗШВ во моментов регистрирани се околу 170.000 земјоделци, од кои само 37.186 или 21,7 отсто се жени.