ССК: Градежништвото во фокус на јавно-приватниот дијалог

Вторник, 18 Септември 2018 12:45 Напишано од  Објавено во ФИНАНСИИ

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и компании членови  предводени од претседателот на Градежната комора Ивица Јакимовски во насока на зацврстување на јавно-приватниот дијалог остварија работна средба со кабинетот на претседателот на Владата на Република Македонија.

Фокусот на средбата беше подобрување на состојбата во градежниот сектор, кој во изминатите два квартали бележи стагнација.  Градежната комора на Македонија ги претстави стратешките цели, како и потребата од редовни состаноци со претставниците на државните институции со цел воспоставување квалитетен јавно приватен дијалог кој треба да има долгорочни позитивни ефекти врз условите за водење на бизнис на компаниите кои несомнено придонесуваат кон севкупниот економски развој.

„Воспоставување на организиран начин на дејствување ќе значи поттик за остварување на планирани инвестиции не само за градежните компании, туку и за над 20 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото. Градежната комора при ССК активно работи на подобрување на состојбата во секторот градежништво и во таа насока соработката со сите релевантни чинители во секторот градежништво е особено важно за создавање на услови за модерна урбанистичка средина“, велат од Градежна комора на Македонија.

Сојузот на стопански комори на Македонија се залага за унапредување на условите за водење на бизнис, за обезбедување на правна сигурност на компаниите како услов за реализацијата на инвестициите, како и отвореност за соработка со релевантните чинители во насока на стратешко и долгорочно планирање на идни проекти.