МФ: 206 милиони евра поврат на ДДВ за фирмите во прво полугодие од годината

Петок, 03 Јули 2020 10:14 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Во првото полугодие од 2020 година извршен е поврат на ДДВ кон фирмите од 12,7 милијарди денари или 206,5 милиони евра, што е за 6% повеќе во однос на лани или за 660 милиони денари повеќе. Ова највисок поврат на ДДВ за овој период во изминатите години, што е значајно особено ако се земе предвид COVID-19 кризата, соопштува Министерството за финансии.

„Споредбено со претходните две години, повратот е значително повисок. Така ако се спореди првото полугодие од 2020 со истиот период во 2018, повратот е повисок за 26% отсто, додека во споредба со 2017 повратот е повисок за високи 44%. Повратот на ДДВ кон фирмите во услови на COVID-19 кризата е од големо значење, заради зачувување на ликвидноста на стопанството, а со тоа и поттикнување и поддршка на економската активност“, се вели во соопштението.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, вчера, презентирајќи го извршувањето на буџетот за првото полугодие од 2020, истакна дека приоритет за Министерството е да ги сервисира сите свои обврски редовно и навремено.

-Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови: вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на ДДВ кон фирмите. Тука се и мерките за КОВИД, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционираните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња- рече Ангеловска.

Инаку, минатата 2019 година, фирмите добија поврат на ДДВ од 402 милиони евра или за 7,5% повеќе во однос на 2018 година или 44% повеќе во однос на 2016 година.