Приходите во буџетот се топат, расте само акцизата

Петок, 26 Јуни 2020 10:10 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Во мај во државниот буџет се слеале вкупни приходи на сума од 206 милиони евра, што е намалување за 25 милиони евра во однос на април, кога се собрале 232 милиони евра како приходи, покажува месечниот извештај за извршување на буџетот за мај кој го објавува Министерството за финансии.

Во првите пет месеци од годинава, државата остварила приходи од 1,19 милијарди евра, што е 37,3 отсто од планот за цела година, и тоа во однос ребалансираниот буџет.

Од даноци, во мај од нив се собрале 106 милиони евра, што најмалку од почетокот на годината. Може да се види дека од месец во месец овие приходи се повеќе се намалуваат.

Персоналниот данок донел во мај 20 милиони евра, што е намалување за околу три милиони евра во однос на април.

Данокот на добивка во петтиот месец донел околу 11 милиони евра, што е повеќе од двојно помалку во однос на претходните два месеци. Но, треба да се има предвид дека во тие месеци, одноно март и април, дел од подобростоечките компании во земјава предвреме го платија данокот на добивка, со цел да и помогнат на државата во справување со финансиската криза предизвиката од коронавирусот.

Најголемиот полнач на државната каса, данокот на додадена вредност, во мај и донел на државната каса нето износ од 40,5 милиони евра. Во однос на април тоа е намалување за околу пет милиони евра. Но, треба да се има предвид дека приходите од ДДВ и во април биле многу слаби, односно полоши од претходните три месеци, со оглед што во првиот квартал ДДВ просечно и носел на државата суми од по околу 64 милиони евра месечно.

Раст бележи само акцизата, од која во мај се собрала 28 милиони евра, што е значајно повисока сума од претходните два месеци.

Покрај даноците, во мај паднале и приливите од придонеси. Во тој месец од нив биле собрани 82 милиони евра, што во однос на април е намалување за 8 милиони евра. Треба да се има предвид дека во мај почна да важи мерката за субенции за придонеси на компаниите што се погодени од корона кризата.

Во однос на расходите, во мај се потрошени 316 милиони евра од државниот буџет. Во однос на април, кога се реализирани 308 милиони евра, зголемувањето во петтиот месец е за 8 милиони евра.

За петте месеци од годинава, пак, државата потрошила вкупно 1,5 милијарди евра, што е 38 отсто од вкупните расходи планирани со ребалансот на буџетот.

Наспроти сите трошења каде што има раст, во мај повторно многу неповолна слика и голем пад е регистриран на капиталните инвестиции.

Ако во април вложувањата во инфраструктура конечно не беа лоши, бидејќи за нив се потроши сума од околу 18 милиони евра, во мај тие се и повеќе од преполовени, сведувајќи се на ниво од само 8 милиони евра.

Или, за пет месеци од стартот на годинава вкупната сума на државни вложувања во енергетика, училишта, болници, железница и слично, се само 58 милиони евра, или 18,36 отсто од ребалансираниот буџет.

Трошоците за стоки и услуги изнесуваат 25 милиони евра, додека во април овој расход бил 18 милиони евра.

Пораст има кај социјалните трансфери. Во мај за оваа намена биле потрошени 164 милиони евра, наспроти 156 милиони евра колку што биле во април, а слична сума била потрошена и во претходните неколку месеци.

Во мај буџетскиот дефицит изнесува 110 милиони евра, а за пет месеци тој достигнал до 308 милиони евра.