Итните јавни набавки за ковид-кризата надминаа 3,2 милиони евра

Среда, 20 Мај 2020 11:10 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра и досега се склучени 142 договори.

Дури 71 % од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми. Во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка, продолжуваат значајните разлики во цените. Во овој период, најголеми разлики се забележуваат кај скафандерите и ракавиците. Скафандерите се купувале по цени од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче.За повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето.Во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач. Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици,вели во најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации кој се однесува на итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот, заедно со базите на податоци на сите склучени договори и на одлуките за избор на најповолна понуда.

Како што се наведува во анализата, вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра.

Преку директни преговарања без претходно објавување оглас се склучени 142 договори. Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило шест договори во вкупна вредност од 1,9 милиони евра, што е дури 59 % од вредноста на договорите на сите институции. Станува збор за договори за набавка на маски, ракавици, очила, комбинезони и средства за дезинфекција.Второ според вредноста на договорите е Министерството за здравство, со 14 договори во вредност од 321.081 евро за набавка на монтажни контејнери, реагенси, потрошен материјал, дезинфекциски средства и заштитна лична опрема.

Дополнително на 142-та договори, објавена е и уште 51 одлука за избор на најповолен понудувач, во вкупна вредност од 701.230 евра.

Пет институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот се Министерство за внатрешни работи, Министерство за здравство, Медицински факултет, градска болница „8 Септември“ и Град Скопје.

Повеќе од две третини од вредноста на договорите отпаѓа на пет фирми. Тендери за итна набавка добиле вкупно 81 фирма, но 71 % од вредноста им припаѓа само на пет фирми.
Највредни договори за итни јавни набавки се склучени со прилепската фирма „Гифти текс“ за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Втора на листата според вредноста е „Биотек“ од Скопје, која има склучено договор за набавка на маски, ракавици, очила и комбинезони за потребите на МВР.Според бројот на договори, предничат скопски „Алкалоид“ и битолски „Еуро-фарм“, кои имаат склучено 14, односно 12 договори.

Значајни разлики во цените и разногласие во набавките, во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка.Најголеми разлики во анализираниот период постојат кај набавката на скафандери и ракавици. Цените на купените скафандери се движат од 262 до 1.156 денари, а на ракавиците за еднократна употреба, со или без талк, од 2,83 до 9,32 денари за парче.

Најеклатантен пример е што комунално претпријатие купило скафандери за еднократна употреба по цена од 1.156 денари, а клиника купила скафандери за повеќекратна употреба со можност да се вријат за цена од 1.052 денари. Притоа, неспоредливи се ризиците од пренесување на вирусот и последиците од ова во двете институции.

Поради отсуство на каква и да е координација меѓу институциите, продолжува купувањето на најразлични видови маски, од оние за еднократна употреба, преку хируршки, платнени, сè до маските со највисока заштита. Најскапо е платена маска ФФП2 и тоа 448,4 денари за маска, а најевтино – двослојна маска за еднократна употреба од 21 денар.

Државните институции и натаму не ги објавуваат навреме склучените итни договори за јавни набавки поврзани со коронавирусот. Институциите директно го прекршуваат Законот за јавни набавки, којшто ги обврзува да ги објавуваат известувањата за склучените итни договори и самите договори во рок од десет дена од нивното склучување.Како што се претпостави во претходните два извештаи, биле склучени многу повеќе договори отколку што објавиле институциите. По неколкуте укажувања во претходните извештаи, се забележува почесто објавување на склучените договори.

За повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да објават информации за склучените договори, за фирмите со коишто ги склучиле, како и износот што го потрошиле.

Воедно, кај дел од институциите се забележува дека во договорите не ги наведуваат ниту договорените количини, ниту договорените поединечни цени, со што практично го оневозможуваат увидот во суштинските делови од тендерот.

Секоја втора итна набавка била само со една понуда. Дури во 47 % од сите склучени договори за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.

Анализата на склучените договори укажува на случаи во кои цената на набавените производи била пониска кога во преговорите биле вклучени повеќе од една понуда.За разлика од претходно, по неколкуте укажувања за преговарање со повеќе наместо со една фирма, зголемен е бројот на итни набавки со повеќе од еден понудувач.

Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици. За овие набавки беа донесени две посебни владини уредби за интервентни набавки – едната за маски, а другата за ракавици.Иако и за двете веќе одамна беа објавени огласи и поминаа и роковите за поднесување понуди, досега нема никаква информација за нивниот епилог, за што е укажувано и во претходните два извештаи.