Платежна картичка со 9.000 денари за невработени, 3.000 дена за тие со плата пониска од 15.000 денари

Понеделник, 18 Мај 2020 12:56 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Со првиот столб од третиот сет мерки преку издавање на платежни картички за граѓаните, поттикнуваме поголема потрошувачка и развој на домашните економски дејности, даваме директна финансиска поддршка за граѓаните, која пак ќе ја стимулира домашната економија, рече на денешната прескоференција советникот на премиерот, Фатмир Битиќи.

Преку воведување на платежни картички вредни 9.000 денари за околу 100 илјади граѓани треба да се стимулира понудата на домашни производи и услуги со директна парична поддршка од државата, преку потрошувачката на граѓаните. Корисници на платежната картичка може да бидат невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15.000 денари месечни приходи, како и примателите на гарантирана минимална помош. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.

„Интервентно го активираме домашниот туризам преку ваучер вреден 6,000 денари за користење во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а граѓаните ќе добијат и платежна картичка од 3,000 денари за купување на домашни производи и услуги. Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15.000 денари месечно и немаат други приходи. Тоа значи дека без разлика на месечните примања на едно домаќинство, членовите од семејството кои имаат лични примања под 15.000 денари месечно можат да бидат корисници на домашниот туристички ваучер и платежната картичка. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра“, рече Битиќи.

За младите е предвидена парична поддршка дo 6,000 денари за покривање на партиципација во Универзитет или за сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи, платежна домашна картичка од 3,000 денари за домашни производи и услуги за да се обезбеди куповната моќ, како придонес кон студентскиот и средношколскиот стандард и ваучери до 30,000 за кофинансирање за обуки за ИТ и дигитални вештини за подржување на младите да бидат конкуренти на пазарот на труд и брзо да се вработат во новата развојна економија.

Вредноста на овие мерки за млади се околу 12 милиони евра и со проектиран опфат од 100.000 млади.

Сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020 ќе добијат паричен надоместок за два месеци, вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено но и добиле отказ од работодавачот.

Вториот столб од овој сет мерки нуди Директна поддршка на македонското стопанство - иновативност и развој за зачувување на постојните и за нови работни места.

Преку Бескаматните кредитни линии за сите микро и мали компании, во вредност од 31 милион евра, преку Развојната Банка на Северна Македонија, се нуди 30% грант како поддршка за жените, младите, фирми кои воведуваат дигитализацијата во бизнисот или пак се извозно ориентирани.

Со мерката - Државна гаранција за комерцијални кредити и за обезбедување на царинскиот долг државата става на располагање финансиски средства за поддршка на Старт ап и мали и микро компании преку комерцијални банки со 10 милиони евра иницијален капитал за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик.

-А, со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на Република Северна Македонија - рече Битиќи.

Согласно законот за финансиска поддршка со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата.

На текстилната индустрија ќе се помогне да ги пласира производите на нови пазари преку креирање на - Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании.

-Ќе инвестираме нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР преку мерката - Поддршка за развој на домашни старт ап продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село на овој начин стимулираме и отворање на нови сопствени бизниси. Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50% од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30.000 денари рече Битиќи.

Со третиот столб од овој сет мерки се дава поддршка за земјоделците за нови приходи од плодната македонска земја.

-Со првата мерка од овој столб го поддржуваме аграрниот сектор со 5 милиони евра преку Развојната банка. Ги поддржуваме микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи. По ланското субвенционирање од 30% за зелена нафта, преку платежната картичка за субвенционирање на зелена нафта за земјоделците, ја зголемуваме субвенцијата на 50%. Оваа мерка ќе опфати 50.000 земјоделци, а вредноста е 4.6 милиони евра. Ќе ги стимулираме преработувачите на грозје за производство на нови продукти.Преку оваа мерка ги стимулираме преработувачите на грозје и винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. Во следните години, нашата финансиска поддршка ќе изнесува 3,5 милиони евра. Овозможуваме јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор.

Преку модернизирање и ставање во функција на капацитети во производство на преработки од тутун и грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството и тутунскиот сектор, како земјоделски гранки кои се повеќе и повеќе извозуваат.