Влада: За 5 дена да се утврдуваат критериуми за користење на поволните кредити за стопанството

Четврток, 19 Март 2020 07:37 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Владата информира дека 5,6 милиони евра се обезбедени за поддршка на стопанството во намалување на несаканите ефекти во коронавирусот, но сега ќе треба да се утврдат попрецизни критериуми за добивање на кредитите.

Eдна од мерките е и воведување на нова кредитна линија од 5 милиони евра, преку која ќе се кредитираат директно компании чија што економска активност е директно погодена од коронавирусот. Кредитирањето ќе се врши со поповолни услови – подолг грејс периоди, подолг рок за отплата и пониски каматни стапки од стандардните кредити. Кредитите ќе бидат во висина од 5.000 евра до 20.000 евра, а висината ќе биде во зависност од бројот на вработени во компанијата, за микро претпријатија со 1-10 вработени од 3 - 5 илјади евра, за мали претпријатија со 10-50 вработени од 5-15 илјади евра, за средни претпријатија со 50-250 вработени од 15-30 илјади евра.

Преку Развојна банка на РСМ се планира директно кредитирање на компании погодени од коронавирусот и во износ од дополнителни 6 милиони евра од Компензационен фонд од странска помош и Компензационен фонд од друга странска помош, при што е потребно да се обезбедат услови за операционализација на овие средства.

За таа цел се предлага Владата да донесе Одлука за престанок на важење на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во Службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година.

Исто така за операционализација на оваа кредитна линија потребно е Развојната Банка на Република Северна Македонија во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори и Министерството за финансии, да утврдат критериуми за оваа кредитна линија. Условите под кои ќе биде вршено кредитирањето ќе бидат поповолни од условите под кои кредити се даваат од страна на комерцијалните банки.

Поради погоре наведеното, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори ги предложи, а Владата на оваа седница ги усвои следните заклучоци.

1. Се задолжува Развојната банка на Северна Македонија во рок од 5 дена да достави информација до Владата со која ќе предложи формирање на кредитна линија за директно кредитирање на компании погодени од Kорона вирусот со поповолни услови од условите на кредитите од комерцијалните банки

2. Владата донесе Одлука за престанок на важење на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година

3. Се задолжува Министерството за финансии да ја извести Развојната банка на Северна Македонија дека може да врши пласирање на средствата од 6 милиони евра од Компензационите фондови и истото да го проследи и до Министерството за надворешни работи.

4. Се задолжува Министерството за Надворешни работи, по влегување во сила на Одлуката за престанок на важење на одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година, да достави Известување до Амбасадата на Јапонија во Република Северна Македонија, со цел информирање дека средствата ќе бидат ставени на управување и администрирање на Развојната банка на Северна Македонија

5. Се задолжува Развојната банка на Северна Македонија во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори и Министерството за финансии да подготви и да достави до Владата Информација со Предлог-Одлука, со која ќе се утврдат условите за директно кредитирање на деловните субјекти погодени од Корона вирусот.

 

Последен пат изменето на Четврток, 19 Март 2020 07:51