Јавен повик за невработени лица објавува Агенцијата за вработување

Четврток, 20 Февруари 2020 08:57 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Агенцијата за вработување објавува јавен повик за невработени лица за Програмата 1. Поддршка за Самовработување (Претприемништво), финансирана од Буџетот на РСМ.

„Се повикуваат сите заинтересирани невработени лица, невработени млади лица до 29 години, невработени лица со попреченост, невработени жени од ранливи категории, кои своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка преку Програмата Поддршка за Самовработување (Претприемништво), да се пријават во работните клубови на центрите за вработување на АВРСМ со цел аплицирање за учество во програмата“, се вели во повикот.

Програмата обезбедува eкспертска поддршка во форма на обука за претприемништвото и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите ; неповратни средства (грант) во износ од 246.000 до 307.500 денари по корисник или до 615.000 денари доколку се основа правен субјект од два содружника како ДОО - Друштво со ограничена одговорност од две лица, при што секој од содружниците ќе има еднаков (50%) удел во друштвото, финансиска поддршка за дополнително вработување за бизниси основани од лица со попреченост.

Советодавна/ менторска поддршка во период од 12 месеци од основањето на бизнисот ќе се обезбеди и на следниве целни групи:
лица со попреченост, припадници на ромската заедница и жени од ранливи категории (приматели на социјална помош, жртви на семејно насилство, жртви на трговија со луѓе, самохрани мајки и социјално исклучени жени по основ на технолошки вишок и стечај).

Заинтересираните лица за учество во Програмата можат да аплицираат до исполнување на предвидениот број на кандидати.

Во оваа програма, ќе можат да се вклучат и невработените лица кои имаат завршено обука за претприемништво и/или изработено бизнис план во 2019 година.

Лицата кои добиле грант за Самовработување во изминатите години, немаат право да аплицираат за учество во Програмата.

Пријавата за учество треба да се поднесе во работниот клуб во центрите за вработување, секој работен ден од 09:00 – 14:00 часот. Сите заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб страните www.av.gov.mk и www.rabotaimoznosti.mk.