Во подготовка нов Закон за платежни услуги и платни системи

Вторник, 11 Февруари 2020 13:36 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Министерството за финансии објавува известување за почеток на процес на подготовка на Предлог-закон за платежни услуги и платежни системи.

„Платежните услуги и платните системи во моментов се уредени со Законот за платниот промет кој е донесен во 2007 година. Истиот не е во согласност со новите трендови и технологии како и со релевантните директиви и регулативи на Европската унија. Со Законот ќе се либерализира пазарот на платежните услуги и ќе се зајакне конкуренцијата. Ќе се зајакнат правата на потрошувачите за нивно информирање од страна на давателите на платежни услуги за условите за користење на услугите. Законот ќе обезбеди транспареност и споредливост на надоместоците за платежните услуги, а меѓубанкарските надоместоци со платежни картички ќе бидат ограничени. За одредени категории на потрошувачи ќе се овозможи отворање сметки со основни функции преку кои ќе може да се извршуваат одреден број на бесплатни трансакции“ се вели во известувањето објавено на Енер.гов.мк.

Се уште нема детали како ќе бидат уредени овие прашања, но според првичните информации Законот се прави да се обезбеди транспарентност, односно граѓаните целосно да знаат како и по која цена може да ги користат услугите. Директивите на Европската унија бараат со законот да се овозможи граѓаните да ги споредуваат надоместоците кои ги плаќаат за платежните услуги, а меѓубанкарските надоместоци со платежни картички да бидат ограничени.

Последен пат изменето на Вторник, 11 Февруари 2020 13:54