Над 130.000 станови се под хипотека

Понеделник, 13 Јануари 2020 09:48 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Секој осми стан во земјава е под хипотека кај домашните банки, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности кои се однесуваат на третиот квартал лани, кога во земјава имало вкупно 1.084.534 станови од кои дури 132.527 биле под хипотека. Најмногу станови се продале во скопската општина Карпош.

Најмногу станови под хипотека има во Скопје. Така во катастарот во Скопје во периодот од јули до крај на септември биле запишани вкупно 317.084 станови, од кои дури 20,28 проценти или 64.301 се под хипотека.

Втор на листата градови со процентуално најмногу хипотеки во споредба со бројот на впишани станови во катастарот е Неготино каде на банките се пренесени имотни листови на 19,06 проценти од становите или од вкупно 12.906 станови во општината, дури 2.460 се под хипотека.

Гевгелија е на третото место според процентот на заложени станови и тоа од вкупно 23.690, хипотека има на 3.893 или на 16,43 проценти.

Со станови под хипотека над државниот просек се уште Кавадарци со 14,13 проценти заложени станови, Битола со 12,74 проценти, Штип со 12,47 проценти од вкупниот број станови во општината.

Најдолу на листата, или со најмалку станови под хипотека се Кратово, со само 1,33 проценти и Македонски Брод, каде што во банка се заложени 1,69 проценти од станбениот фонд.

Податоците покажуваат дека драстично расте бројот на станови под хипотека во земјава. Споредено со истиот период, трет квартал од 2016 година, или замо за три години бројот на станови под хипотека пораснал за 32.600 станови или тогаш под хипотека биле 9,28 проценти од становите во земјава или за 3 проценти помалку од лани.

Бројките на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека во периодот јули – септември 2019 година, на целата територија на земјава се продадени 674 новоизградени станови што е за 195 станови повеќе од вториот квартал во 2019 година. Статистиката покажува дерка заклучно со септември, во земјава има дури 6.368 станови кои се изградени, а сè уште не се продадени и се нудат на пазарот на недвижности. За разлика од претходниот квартал пак, во третиот квартал има зголемување за 615 непродадените станови. Додека пак, во овој период се издадени 11.950 листови за предбележување на градба, што значи дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.

Според статистиката на катастарот за периодот од јули до септември 2019, најмногу станови се продале во скопската општина Карпош 239.

Во оваа општина просечната цена на метар квадратен е највисока во државава – 982 евра. По број на продадени станови следи скопски Аердром со просечна цена од 825 евра за квадрат.

Во внатрешноста, најмногу станови летово се продале во Охрид 123 по просечна цена од 757 евра за квадрат.

Последен пат изменето на Понеделник, 13 Јануари 2020 10:10