Јовановиќ за оданочување на возилата: За поевтините автомобили се плаќа повисок данок дури и помалку да загадуваат од поскапите

Петок, 10 Јануари 2020 08:37 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Поранешниот советник на министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ, вели дека со новиот начин на оданочување на возилата поевтините плаќаат поголем данок, а поскапите помал дури и повеќе да загадуваат.

Тој за „Фактор“ вели дека со сегашново решение, кое, според него, беше донесено нетранспарентно, поевтините автомобили добиваат неколку пати повисок данок, па макар и помалку загадувале.

„ Предлогот што го подготвивме, кој ѝ остана во аманет на сегашнава министерка, предвидуваше во суштина две промени - повисок данок за возилата што повеќе загадуваат и повисок данок за поскапите коли. Но, многу внимававме да не го зголемиме данокот за сите поевтини коли, туку само за оние кои многу загадуваат, за да не ги погодиме сиромашните. Сегашново решение, кое беше донесено максимално нетранспарентно, преку ноќ и без никаква дебата, е драстично различно од нашето. Со сегашново решение, поевтините коли добиваат неколку пати повисок данок, макар и загадувале малку, а поскапите коли добиваат понизок данок, макар и загадувале многу. И, да бидам искрен, воопшто не сум изненаден од ваквата политика на удирање по сиромашните, знаејќи од каде доаѓа министерката, и што сѐ направи претходно“, вели Јовановиќ.

Тој објаснува дека претходно возилата се оданочуваа со акциза, и давачката тогаш зависеше само од вредноста на возилото, па поскапите возила имаа повисок давачка. На пример, возило од 4.500 евра, плаќаше акциза од 1 отсто, односно 45 евра. Но од минатата година, според европските директиви, на возилата веќе не се плаќа акциза. Согласно Законот за данок на моторни возила, данокот на возилата зависи и од вредноста, но и од тоа колку возилото загадува, односно емисијата на ЦО2. Ова само по себе не е спорно, коментира Јовановиќ, бидејќи е добро за возилата што повеќе загадуваат, да се плаќа повисок данок, за да се дестимулира нивното купување. Сепак, нагласува, формулата за пресметката на данокот е направена така што за поскапите возила всушност се намали данокот, макар и загадувале повеќе.

 

Последен пат изменето на Петок, 10 Јануари 2020 08:54