Македонско семејство во просек живее со помалку од 6.000 евра годишно

Вторник, 26 Ноември 2019 08:57 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

Едно четиричлено семејство во земјава, годишно просечно располага со 7.100 евра вкупен приход или со 591 евро месечно, а во просек троши 5.862 евра или 488 евра месечно. Ова го покажува Статистичкиот годишник за 2018 година на Државниот завод за статистика.

Од расположливите средства 7.100 евра со кои годишно раполага едно просечно четиричлено семејство, 6.965 евра се парични средства, а само 4.609 евра се од редовен работен однос. 11.878 денари годишно заработуваат надвор од работен однос, од хонорари или други активности од кои вонредно заработуваат. Од пензиите на родителите на располагање имаат дури 85.914 денари годишно, од странство им стигнуваат 5.359 денари, а од намалување на она што некогаш заштедиле земаат по 5.916 денари годишно.

Податоците покажуваат дека од 7.100 евра, граѓаните трошеле во просек по 5.862 евра, од кои најголемиот дел 5,167 евра за лична потрошувачка, а само 2.266 евра за храна и безалкохолни пијалоци. Во просек едно четиричлено домаќинство во земјава за храна и безалкохолни пијалоци, односно за основната потрошувачка кошничка трошело по 188 евра месечно или околу 11.613 денари месечно, односно по член само 2.903 денари за месец, покажува статистиката.

Статистиката пресметала дека за алкохол и тутун, годишно во просек трошат по 14.328 денари, за облека и обувки 21.968 денари или секој член лани имал на располагање 5.492 денари годишно за облека и обувки. За станарина и режиските трошоци едно семејство плаќало 37.921 денари годишно, за здравје 15.021 денари севкупно за сите членови на семејството, а за комуникации 11.616 денари. Математиката покажува дека за рекреција и култура годишно оделе само 6.251 денари, а за образование минимални 1.510 денари или цело семејство трошело само 377 денари месечно. За разлика од ова пак за кафани и хотели, статистиката покажала дека завршиле во просек 15.600 по домаќинство, а на отплата на кредити 12.275 денари. Статистиката врз основа на анкетата која ја правела врз 2.646 домаќинства кои пак се репер за 567.006 домаќинства пресметала дека едно семејство вложувало 20.211 денари на штедење годишно, односно секој член штедел по 5.052 денари годишно или секој месец тргал на страна по 421 денар.

Последен пат изменето на Вторник, 26 Ноември 2019 09:09