Шпаркасе ја купи Охридска банка за 48 милиони евра

Петок, 08 Ноември 2019 11:40 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

На 4 ноември беше извршена промената на сопственоста на Охридска банка АД Скопје, со што Штаермеркише банка и Шпаркасен АГ за 48 милиони евра и официјално станаа новите сопственици на банката. Со стекнување на 91,57 отстоод акциите, Штаермеркише Шпаркасе стана не само најголем давател на финансиски услуги во јужниот дел на Австрија, туку и четврта најголема банкарска групација во Македонија со пазарно учество од околу 14 отсто.Оваа трансакција исто така претставува и најголема бизнис инвестиција во регионот оваа година. Двете банки, Охридска банка АД Скопје и Шпаркасе Банка Македонија, сега ќе опслужуваат повеќе од 132.000 клиенти во земјата, нудејќи им производи и услуги, како и експертиза која доаѓа од Ерсте групацијата.

Штаермеркише Шпаркасе во Македонија е присутна од 2008 година преку својата локална подружница Шпаркасе банка Македонија, која во моментот има актива од околу 350 милиони евра. Со приклучувањето на Охридска банка во Штаермеркише Шпаркасе, вкупната актива на банката на македонскиот пазар ќе биде повеќе од 1 милијарда евра.

„Со купувањето на една од водечките, меѓународно активни банки во земјава, ќе станеме уште посилен партнер на економијата. Заедно, ќе располагаме со значително поголем потенцијал и ресурси со кои ќе ги опслужуваме нашите клиенти и сите бизниси. Со здружена експертиза и заеднички пристап ќе бидеме силен партнер на интернационалните компании, на компаниите од Европската Унија и на активните инвеститори во земјата -  изјави Георг Бухер, член на УО на Штаермеркише Шпаркасе.

Засега, сметките на клиентите на Охридска банка, како и условите за кредити дефинирани во договорите на клиентите остануваат исти. Исто така и условите за користење на платежните картички остануваат непроменети, а клиентите немаат обврска да ги заменуваат во моментот нивните картички. Двете банки ќе функционираат како засебни правни субјекти на пазарот. Интеграцијата на Охридска банка со Шпаркасе банка Македонија се очекува да се случи во вториот квартал од 2021 година.

 

Последен пат изменето на Петок, 08 Ноември 2019 12:43