Нова средба Вучиќ-Заев-Рама за „мал шенген“

Четврток, 07 Ноември 2019 09:15 Напишано од  Објавено во НОВИНИ

На 9 ноември во Охрид ќе продолжат трилатералните средби меѓу властите на Македонија, Албанија и Србија за олеснување на протокот на стоки, услуги, капитал и луѓе. Датумот за одржување на втората средба, во рамки на иницијативата за воспоставување т.н. „мал шенген“, го објави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој соопшти дека телефонски разговарал со премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама за претстојната средба во Охрид, со која се продолжуваат разговорите за воспоставување на т.н.„мал шенген“.

Вучиќ на својот инстаграм-профил објавил фотографија на работната маса, со порака „одличен конференциски разговор со Рама и Заев пред важниот самит во Охрид на 9 ноември“

На 10 октомври, Вучиќ им беше домаќин на Рама и на Заев во Нови Сад, каде што беше донесена декларација која предвидува разговорите за отстранување на пречките за слободен проток на стоки, услуги, капитал и луѓе да продолжат во Охрид, каде се очекува да бидат претставени конкретни мерки.

Првично, иницијативата за „мал шенген“ наиде на резервираност кај стопанствениците во земјава, за разлика од расположението во бизнис-круговите во Србија, за која се проценува дека би имала најголем бенефит како доминантна економија во регионот.

Пред првата средба Заев – Вучиќ – Рама во Нови Сад, која се одржа непосредно пред самитот на ЕУ во Брисел, претседателката на Сојузот на стопански комори Даниела Арсовска изјави дека предност треба да им се даде на реформите што се клучни за добивање датум за преговори, а не на гетоизирање со соседите.

„Во време кога сме условно пред вратите на НАТО и со можности за отпочнување преговори со Европската Унија, чудна е идејата да влеземе во економска дива градба "мал шенген" со Србија која има различни определби од македонските во надворешната политика, особено во пристапување кон северноатланската алијанса, додека македонските ЕУ и НАТО определби, се повеќе од јасни. Од друга страна Албанија во сите извештаи на ЕУ е чекор зад Македонија во напредокот и оваа насока на превземање чекори за заедничко економско делување не би придонело значително за наш побрз развој. Како да не ни беше доволно тоа што сме сегрегирани во гетото Западен Балкан, сега во уште помал формат ќе се изолираме во „мал шенген“, со некаква илузија дека така економски ќе процветаме. По ретрограден став од овој одамна не е понуден, мал шенген за Србија, Македонија и Албанија е идеја која треба да згасне уште пред да се роди“, рече Арсовска.

Последен пат изменето на Четврток, 07 Ноември 2019 09:23