„Виз Ер" ја продолжи до 13 јули суспензијата на сите летови од и до Македонија

Понеделник, 15 Јуни 2020 10:19 Напишано од  Објавено во КОМПАНИИ

Нискобуџетна авиокомпанија Виз Ер денеска најави дека како резултат на продолжените рестрикции за патување наменети за сите странски летови од и до Република Северна Македонија ја продолжува суспензијата на сите летови до земјата до 13. следниот месец.

-Патниците со резервирани билети погодени од овие суспендирани летови кои ги направиле резервациите директно на wizzair.com или на мобилната апликација на авиокомпанијата, ќе бидат автоматски известени преку електронска порака. Сто и дваесет проценти од целата сума ќе им бидe автоматски префрлена на Wizz сметката на корисникот, и истите ќе можат да ги искористат во текот на наредните 24 месеци за купување на сите производи и услуги на Wizz Air. Патниците исто така можат да одберат опција за враќање на парите – за која треба подолго време да се реализира – и ќе бидат информирани за сите потребни чекори за трансфер на парите преку банка или преку картичка во посебна електронска порака. Во овој случај, патниците ќе можат да изберат 100 проценти поврат на сумата. Патниците кои направиле резервација преку туристички агенции – вклучувајќи ги и онлајн туристичките агенции – треба да ја контактираат компанијата преку која ги купиле своите билети, стои во соопштението.

Министерот за транспорт Горан Сугарески минатата денела изјави дека се разговара, но оти се уште е рано за одлука за отворање на аеродромите.

– Се разговара, но се уште е рано да се донесат такви одлуки, од страна на ТАВ беше побарано во наредниот период да се соопшти доколку Владата и Кризниот штаб одлучат да ги отворат, бидејќи ќе им требаат седум до 10 дена за тестирање. Се уште нема таква одлука, рече Сугарески.

Со одлука на Владата, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, од 15 март на полноќ е затворен аеродромот „Св. Апостол Павле" во Охрид, а од 18 март на полноќ и Меѓународниот аеродорм Скопје.
Владата на седница во петокот утврди протокол за непречен транзит на странци преку Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродормот Скопје.