„Црвеното злато“ ќе се одгледува во Македонија

Понеделник, 30 Декември 2019 14:20 Напишано од  Објавено во КОМПАНИИ

Шафранот, е најскапиот и најбараниот зачин во светот, кој е познат уште како „црвено злато“. Цената на светскиот пазар се движи околу 7.000 евра за килограм.

Причина за високата цена на шафранот е континуираниот недостиг од него на светскиот пазар. Најголеми производители се Шпанија и Иран, кои произведуваат 80 отсто од светското производство. Во Македонија шафранот започна да се произведува пред пет години, меѓутоа тоа сè уште пионерски, како хоби и на мали површини.

Жарко Гиновски, раководител на Земјоделска задруга „ШАФРАН –Долнени“ вели дека доколку се започне со сериозно производство на шафранот, за кои во Македонија постојат одлични услови за одгледување ќе заживеат и руралните средини и економијата.

-Со релативно мала површина од неколку декари може да живее едно просечно семејство, особено ако се знае дека одгледувањето на шафран не бара посебни услови во однос на почвата и механизацијата. Шафранот има обратен животен циклус од останатите растенија. Напролет го снемува, во летото е во хибернација, а со првите есенски дождови во септември се појавува. Во зависност од врнежите и температурата, почнува да цвета три недели по никнувањето и тоа во октомври и ноември, вели Гиновски  за весникот „Вечер“.

За насад на еден декар површина потребни се околу 10.000 луковици и во наредниот период од три години, бидејќи е триплодно растение, ќе се размножат на 100.000 луковици. Четвртата година е најродна, а во петтата година треба да се смени парцелата и луковиците да се пресадат на нова локација.

Десет фармери од Општина Долнени ја основаа Земјоделската задруга ШАФРАН-Долнени, со цел да го промовираат одгледување и производство на шафран во Македонија. Оваа земјоделска задруга во 2019 година доби ЕУ грант за производство на шафран кое наредната година ќе се реализира со целосен мониторинг од страна на холандската фирма ABAC Holland B.V.