Приходите на М-НАВ пораснале за 4 милиони евра

Петок, 27 Декември 2019 08:21 Напишано од  Објавено во КОМПАНИИ

Од 2017 година до денес имаме зголемување на приходите за фантастични четири милиони евра како резултат на зголемениот број летови за 40 отсто благодарение на контролорите на летање и поддршката од останатите колеги од трите сектори, истакна претседателот на управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на СВН Николче Тасески на одбележувањето на 10-годишнината од формирањето на Македонска навигација (М-НАВ).

Наспроти значително зголемување на приходите, тој додаде дека во последните три години имаат и намалување на расходите посебно во делот на репрезентација за три милиони денари, односно за повеќе од 72 посто.

М-НАВ како што посочи Тасески реализира селекција на нови 11 контролори на летање после повеќе од десет години заедно со Еуроконтрол. Обуката на овие контролори на летање била успешно реализирана во двата европски центри Глобал АТС-Копенхаген, Данска и ФТЕ-Херез, Шпанија.

– Новите контролори на летање ќе бидат гаранција дека ќе опслужиме двојно поголем број на летови со помош на новиот АТМ систем, посочи Тасески.

Тој истакна дека 2019 година за нив е многу успешна година со остварен рекорден број на летови на годишно ниво, а на 10 август оствариле рекорден број на летови на дневно ниво – 1113.

Во претходните две години, информира тој, биле потпишани договри за набавка на нов АТМ систем, нов ВхФ и консултантски услуги, додавајќи дека преосотанатите два проекта од Договорот за заем со ЕБОР, набавка на нов МОД С радар на државна локација и VCS е планирано да бидат отпочнати и реализирани во 2020 година.

– Со помош на Владата и Министерството за транспорт и врски беше надмината една голема заостаната препрека, а тоа е легализацијата на сите 18 објекти во сопственост на М-НАВ. Дополнително како резултат на одличната соработка со Министерството за транспорт и врски и ТАВ успеавме да обезбедиме АУП и ново земјиште од 4.500 метри квадратни кое ќе го користиме за градба на новата зграда, оперативно техничка сала од 1.200 метри квадратни, како и административна зграда од 2.500 квадратни метри, соопшти Тасески.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев рече дека догодина слават три значајни јубилеји 90 години од првиот меѓународен лет на скопскиот аеродром, 50 години од отворање современ меѓународен аеродром во Охрид и 25 години од формирањето на македонските цивилни воздухопловни власти.

– Пофалба за сите напори што ги презема М-НАВ за обезбедување безбедно, уредно и редовно одвивање на воздушниот сообраќај на македонското небо, рече Тунтев.

На прославата на М-НАВ присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Последен пат изменето на Петок, 27 Декември 2019 08:35