Испечатете ја страната

Зошто нема лимит за цената на акцијата на „Алкалоид“?

Вторник, 27 Август 2019 13:47 Напишано од  Објавено во КОМПАНИИ
Оценете ја оваа вест
(0 гласови)

Пазарната цена на акција на „Алкалоид“ ја допре психолошката граница од 10.000 денари. Без акцијата на „Алкалоид“ не може да се замисли портфолио на посериозен инвеститор, а задолжително на институционален инвеститор. Тајната е редовно делење дивиденда, која е поголема од година вгодина и давање позитивен пример со тоа што првите луѓе на фирмата со наградите и бонусите купуваат акции на „Алкалоид“. И кога тоа го правиш во континуитет го добиваш заслуженото место

Менаџментот на најголемата фармацевтска компанија „Алкалоид“ продолжува да биде пример за афирмативна корпоративна пракса. Првиот човек на компанијата Живко Мукаетов купил 500 акции со право на глас во компанијата со која управува, објавено е на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност.  Веста за корпоративната заедница е дека генералниот директор на фармацевтскиот гигант вложил околу 70.000 евра во акции на компанијата со која раководи. Тоа е вест што во континуитет е присутна на информативниот сервис на берзата и се однесува на членовите на Управниот одбор на „Алкалоид“.

Оваа информација носи позитивна порака за сите потенцијални купувачи на акцијата на „Алкалоид“, а воедно е и охрабрувачка порака за имателите на таа акција. Секако дека единствено може да се оцени како позитивна вест фактот што генералниот директор кој е претседател на Управниот одбор, а воедно и најголем акционер докупува акции во „Алкалоид“. Според официјалната евиденција на ЦДХВ Мукаетов е најголем поединечен акционер во таа компанија и поседува 8,5 отсто од акциите со право на глас во „Алкалоид“.

Корпоративната политика на менаџментот на „Алкалоид“, меѓу другото, од аспкет на позитивен однос кон инвеститорите има две важни поенти. Првата е таа што „Алкалоид“ е единствената компанија (заедно со Македонијатурист н.з.) чија акција котира на берзата и чиј менаџмент секоја година докупува акции со право на глас и исплаќа редовно дивиденда на своите акционери. Токму заради овие причини,  а особено заради редовната исплата на дивиденда чиј износ се зголемува секоја година, „Алкалоид“ е неизбежен стек во структурата на секој инвестициски фонд во земјава. Тоа значи дека професионалците за вложување во хартии од вредност оваа акција ја препознале како одлична долгорочна инвестиција.

„Алкалоид“ за половина година има приходи од продажба кои изнесуваат речиси 90 милиони евра и тие во однос на истиот период бележат раст од 15 отсто. „Алкалоид“ е македонска извозна гордост затоа што 60 отсто од неговото производство се пласира во странство како готово производ. При тоа извозот за првите шест месеци пораснал за 21 отсто во однос на лани. На домашниот пазар продажбата пораснала за 6 отсто и надминала 30 милиони евра. Добивката на „Алкалоид“ за половина година изнесува 7,5 милиони евра и пораснала за 22 отсто во споредба со лани.

Од сите изнесени факти погоре, а имајќи ја предвид конкуренцијата на таа акција на нашата берза, не треба да зачудува тоа што акцијата на „Алкалоид“ неодамна ја допре психолошката граница од 10.000 денари за акција.