Во Бугарија електрични тротинети само за постари од 14 години

Понеделник, 29 Јули 2019 12:44 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Електричните тротинети стануваат сè попопуларни во Бугарија, а наскоро ќе биде отворена и првата агенција за изнајмување на овие превозни средства во главниот град на земјата. Државната агенција за безбедност во сообраќајот на патиштата во Бугарија предложи да се донесе регулатива за користење електрични тротинети, која би била вклучена во Законот за патен сообраќај и Законот за патишта. Од агенцијата го разгледуваа европското искуство и утврдија дека во земјите-членки постои поинаков пристап, како во однос на тоа каде можат да се движат и за максималната дозволена брзина за електричните тротинети.

 

Од државната агенција за безбедност на патиштата планираат да организираат серија стручни разговори со претставниците на локалната власт и другите надлежни институции. Намерата е да се определат правила за користење на електричните тротинети и за примена на задолжителни заштитни мерки за лицата што ги управуваат. Појдовните предлози се ограничување на максималната брзина до 20 км/ч, а возачите мора да бидат постари од 14 години. Исто така, за електричните тротинети се предлага дозволената брзина за лица под 16 години да биде 12 км/ч. Предмет на дискусија ќе биде дали е неопходно да се воведе задолжителна регистрација на овие возила. Од мерките за лична безбедност се предвидува задолжително носење на заштитни шлемови, светлечки ленти или заштитници за рацете и нозете.

Медиумите во Бугарија пренесуваат информации за начинот на регулирање на оваа област. Во Белгија максималната брзина е ограничена на 18 километри на час, а во Германија и во Франција е дозволено да се движат до 20 километри на час. Во некои земји електричните тротинети можат да се користат на тротоари и на велосипедски патеки, додека во други тие можат да се движат на сообраќајниците што се предвидени и за другите превозни средства.